недела, 24 мај 2026

Mицкоски: Правдата ќе ги стигне сите што ѝ се смеат на државата и на законите

Трпението за борбата против корупцијата е при крај. Правдата мора да стигне до сите што ѝ се смеат на државата и на законите, рече денеска во Охрид премиерот Христијан Мицкоски.

Објавено на

часот

Сподели

Во обраќањето на свечената академија „Од слово до вечност“, што се одржа во црквата Света Софија по повод Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј, Мицкоски се осврна и на незадоволството кај граѓаните од бавната испорака на правда.

„Го разбирам незадоволството и негодувањето кај луѓето кои сè повеќе губат трпение. И јас не сум до крај задоволен и сметам дека може многу подобро и со многу побрзи резултати. Немојте да мислите дека не ги слушам криците на луѓето кои гледаат како некои ѝ се смеат на правдата и мислат дека се недопирливи“, порача Мицкоски.

Премиерот упати критики и до дел од обвинителството, оценувајќи дека институциите мора побрзо да постапуваат.

„На оние што денес се најгласни критичари, а вчера ја злоупотребувале државата, како и на дел од обвинителството кое сè почесто бара изговори, им порачувам дека трпението е при крај. Правдата ќе ги стигне сите. Внимателно следам што се случува“, истакна премиерот.

Тој додаде дека нема да молчи кога смета дека институциите грешат или кога, како што рече, предметите стојат во фиоки без реакција.

„Не влегов во политика за да смислувам изговори, туку за да воведеме ред, правда и владеење на законите. Нема да отстапам од намерата да им дишеме во врат на оние што се богатат на маката на народот. Ова е последна шанса на оваа генерација да остави нешто вредно зад себе“, порача Мицкоски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ