сабота, 13 јуни 2026

Мицкоски: Македонија е меѓу петте најдобри во Европа по раст на БДП

Македонија забрзува и државата мора да оди напред. Покажуваме дека со скромни ресурси можеме да направиме многу и остануваме посветени на решавање на проблемите, враќање на долговите и решавање на нафтената криза, која е увезена. Обезбедуваме инвестиции и отвораме нови работни места. Ние мораме да обезбедиме напредок и да ги оставиме изговорите – изјави премиерот Христијан Мицкоски на денешната заедничка прес-конференција со министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска. Министерката пак, кажа дека Министерството за финансии ја заокружило отплатата на еврообврзницата издадена во 2020 година во износ од 700 милиони евра, со што во целост е исполнета обврската кон инвеститорите. Во меѓувреме, Државниот завод за статистика објави дека бруто-домашниот производ пораснал за 3,1 отсто во првото тримесечје од 2026 година во однос на истиот период од 2025 година.

Објавено на

часот

Сподели

Целта на денешната прес-конференција, посочи премиерот, се најновите резултати објавени од Државниот завод за статистика, кои се однесуваат на растот на бруто-домашниот производ. Тој нагласи дека овие бројки покажуваат дека растот на БДП е меѓу првите пет во Европа, што претставува исклучителен резултат.

„Пред да се осврнам повеќе на бројките, сакам да нагласам дека сум целосно свесен за сложеноста на работите од реалниот живот и тешките околности со кои се соочуваат граѓаните. Верувајте дека ги разбирам проблемите, скапиот живот и секојдневните предизвици. Можеби некој има дилеми за развојот што го креираме, а ќе има и такви што на ова ќе гледаат со потсмев, но сакам да нагласам дека нашата цел е да одиме чекор по чекор напред и грчевито да продолжиме да се бориме за подобар живот. Затоа што јас и сите ние мораме да веруваме дека можеме подобро и дека секој ден, секој час работиме Македонија да забрзува напред“ истакна Мицкоски.

Тој претстави три статистички параметри што во изминатиот период Државниот завод за статистика ги објави.

Според Евростат, посочи Мицкоски, дадени се државите според остварениот раст на БДП, бројка како процент од бруто-домашниот производ, и ќе забележите, рече, дека ние сме на петтото место во споредба со државите за кои растот од страна на Евростат е објавен.

„Има и такви за кои сè уште растот не е објавен, но ние практично се наоѓаме веднаш зад Малта, Полска, Србија. Значи, прва е Малта, па Полска, Србија и потоа доаѓа Македонија. ​На следната табела се наоѓа исто така остварениот резултат кога станува збор за раст на бруто-домашниот производ, но во случајот практично се усогласени параметрите и тука гледате повторно ја имаме Данска, Малта, Полска, па ние, па Србија“, рече Мицкоски.

Тој истакна дека ако се анализираат двете табели што ги објавува Евростат, ќе дојдеме до заклучок дека седмиот квартал по ред, повторно откако се консолидирани институциите, остваруваме како Влада раст на БДП, кој се наоѓа најпрвин во првата половина во Европа, а потоа и во првите пет земји во Европа според Евростат.

Потсети дека ова не е показател што го објавува Владата, туку ова е параметар што го објавува Евростат.

„Вториот параметар е индустриското производство. Знам дека ова ќе биде лоша вест за сите оние што не сакаат оваа држава да успее, а со тоа не сакаат и граѓаните да успеат, но ќе морам да ги разочарам, а е добра вест за огромно мнозинство македонски граѓани кога ќе прочитаат дека во април оваа година индустриското производство порасна за цели 7,6 проценти во споредба со април минатата година и со тоа во првите четири месеци од годината, во првата третина од 2026, како ретко која држава во Европа имаме индустриско производство кое ни е во позитива. Мала, 0,2 отсто, но не е во негатива во услови кога ја имаме најголемата енергетска криза во светот, која според сите познавачи од оваа област е поголема од енергетските кризи во 70-тите години од минатиот век и онаа енергетска криза од 2022 година кога почна војната во Украина“, рече тој.

Третиот параметар во делот на економијата, рече Мицкоски, се бројот на нови креирани нови работни места.

„Ова повторно ќе биде разочарување за сите оние што не сакаат државата да успее, кои на дневна основа се трудат да испратат што е можно повеќе конструкции, шпекулации и лаги, а тоа е бројот на нови креирани работни места, односно нововработени. Во третиот слајд е дадена бројката на вработени, која е зголемена во првите 21 месец од работењето на оваа Влада. Зошто велиме во првите 21 месец? Затоа што стапката на вработени на крајот од март 2026 е 707.385, а кога беше избрана Владата во јуни 2024 година, а тоа е крајот на вториот квартал, бројот на вработени беше 691.736. Или приближно цели 17.000, односно ако добро пресметаме, 16.000 нови креирани работни места. Знам дека овие информации и овие бројки, кои се само три на денешната прес-конференција, а за некои од другите параметри ќе зборува и министерката за финансии, ќе бидат лоша вест за оние што се молат оваа држава да не успее, но добра вест за огромно мнозинство граѓани бидејќи Македонија забрзува и Македонија се движи напред“, оцени премиерот.

Мицкоски нагласи дека во време кога регионот и светот се соочуваат со сериозни економски, безбедносни и политички предизвици, кога многу држави се борат со последиците од глобалните кризи, инфлациските притисоци, нарушените пазари и геополитичката неизвесност, Македонија покажува дека може да оди напред.

„И покрај сложеното опкружување, државата бележи раст, се движи во позитивна насока и покажува дека со одговорни политики, дисциплина и јасен план може да се создава стабилност, да се поттикнува развој и да се отвора простор за подобар живот на граѓаните“, посочи Мицкоски.

Тоа, според него, е особено важно затоа што успехот во вакви услови, не пред се резултатот на она што претставува наследена состојба, туку пред се на резултатот на посветена работа, јасни приоритети и решителност државата да не биде заложник на кризите, туку да ги решава и да ги надминува.

„Да не заборавиме дека ова е Влада која останува посветена и на борбата против корупцијата и дека разликата се чувствува во фактот што правдата и правилата мора да важат за секого. Очекувам во периодот што следи темпото и резултатите од работата да бидат уште посилни. Економскиот раст и зголемувањето на БДП не се само бројки – тие се доказ за нашата работа, инвестиции и заедничка посветеност кон подобра иднина. Нашата цел е силна, стабилна и конкурентна економија што ќе создава нови работни места, повисоки плати и подобар животен стандард за сите. Ќе продолжиме со политики што поттикнуваат развој, иновации и економски напредок. Заедно, чекор по чекор, ја градиме иднината на нашата држава“, потенцира Мицкоски.

Гордана Димитриеска Кочоска. Министерката пак, кажа дека Министерството за финансии ја заокружило отплатата на еврообврзницата издадена во 2020 година во износ од 700 милиони евра, со што во целост е исполнета обврската кон инвеститорите.  Таа потсети дека во февруари годинава Владата пристапила кон предвремена отплата на дел од обврзницата, со цел да се намалат трошоците. Преостанатиот дел од долгот, како што посочи, не бил предвреме откупен поради одлука на дел од инвеститорите. Во однос на идните обврски, Димитриеска – Кочоска посочи дека државата ќе се соочи со значајни износи за отплата во следните години.

Таа уште кажа дека Владата ќе продолжи да работи на фискална консолидација, што значи намалување на буџетскиот дефицит, во услови на променлива економска состојба.

„Нашата определба останува непроменета постепена фискална консолидација, намалување на дефицитот, одговорно управување со јавниот долг и создавање услови за повисок економски раст. Крајната цел на сите овие политики е позитивните резултати од економијата, во време на оваа глобална неизвесност, да се почувствуваат во секојдневниот живот на граѓаните преку повисок животен стандард, повеќе инвестиции и подобри можности за развој“, рече Димитриеска – Кочоска.

Таа додаде дека јавната потрошувачка дава резултати, посочувајќи на растот на економијата и потребата средствата да се насочуваат таму каде што се најпотребни.

Одговарајќи на прашање за наводни доцнења со поврат на ДДВ и државна помош, министерката рече дека според официјалните податоци нема заостанати обврски.

„Според податоците на Трезорот заклучно со 31 мај нема обврски по основ на поврат на ДДВ. Имавме и состанок со Стопанската комора. Дел од компаниите кои реагираа ги поканивме, дојдоа и ја видоа состојбата на лице место. Заклучно со 31.05. нема никакви обврски. Во однос на државната помош, кога во јавноста се појавија информации, директорот на ТРЗ веднаш ме информираше дека кај нив нема никакви неисплатени обврски. Доколку има такви наводи, потребно е точно да се посочи институцијата за да може да се провери“, посочи Кочоска.

Во меѓувреме, Државниот завод за статистика објави дека бруто-домашниот производ пораснал за 3,1 отсто во првото тримесечје од 2026 година во однос на истиот период од 2025 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ