среда, 3 јуни 2026

Лозовите насади на тероар вината на „Тиквеш“ меѓу најдобрите во Европа

Винарската визба „Тиквеш“ доби уште едно значајно меѓународно признание за квалитетот и начинот на управување со своите лозови насади, откако лозовиот насад Лепово се стекна со „Платинест статус на извонредност“ во рамките на годишната евалуација спроведена од меѓународниот експертски тим на Perleuve, предводен од реномираниот агроном и истражувач Џовани Бигот.

Објавено на

часот

Сподели

Во конкуренција од повеќе од 2.200 мониторирани лозови насади од Италија и Медитеранот, ова признание за 2025 година го добија само 11 лозја, што го позиционира Лепово меѓу најдобрите 0,25% лозови насади во регионот. Дополнително, лозовите насади на „Тиквеш“ во Барово, Бела Вода и Демир Капија добија „Златен статус на извонредност“, признание кое им е доделено на само околу 2,5% од оценуваните лозја.

За „Тиквеш“, овие признанија претставуваат потврда дека квалитетот на виното започнува во лозјето и дека врвните резултати се постигнуваат преку долгорочна посветеност на развојот на лозовите насади, зачувувањето и истакнувањето на уникатноста на тероарот, како и преку примена на современи научни и технолошки пристапи во лозарството. Токму затоа, „Тиквеш“ континуирано инвестира во истражување, мониторинг, анализа и воведување современи практики кои овозможуваат носење прецизни и навремени одлуки во секоја фаза од производствениот процес.

Во изминатите години компанијата воспостави напреден систем за дигитално следење и управување со лозовите насади, што овозможува развој на прецизно лозарство базирано на податоци. Преку системот континуирано се следат и анализираат  голем број параметри поврзани со развојот на лозјата, климатските услови и квалитативниот потенцијал на грозјето.

Рангирањето на лозовите насади се спроведува според Бигот индексот – научно заснован систем за проценка на квалитативниот потенцијал на лозјата. Ваквиот пристап овозможува објективна проценка на потенцијалот на лозовите насади за производство на врвно грозје и врвни вина.

Според Александра Ристова, раководител на секторот за управување со лозови насади во ВВ „Тиквеш“, признанието претставува потврда дека долгорочната стратегија на компанијата за развој на прецизно и научно базирано лозарство создава мерливи резултати.

„Ова признание е потврда за нашата определба дека врвните вина се создаваат преку врвно грозје, а врвното грозје се произведува само со длабоко разбирање на тероарот, континуирано следење на лозовите насади и носење одлуки базирани на податоци. Денес лозарството се соочува со сериозни предизвици поврзани со климатските промени и токму затоа инвестираме во истражување, дигитализација, анализа на податоци и современи методологии за управување со лозовите насади. Нашата цел не е само да произведеме висококвалитетно грозје, туку максимално да ја истакнеме автентичноста на секој тероар и неговиот уникатен карактер во вината што ги создаваме. Успехот на вината на ,Тиквеш’ на најреномираните светски вински натпревари е директен резултат на работата што ја вложуваме во лозјето. Зад секоја награда стојат знаење, професионалност, посветеност, континуирано учење и тимска работа. Овие резултати се заслуга на нашите агрономи, енолози, вработени во лозовите насади, како и на нашите партнер-лозари кои ги следат истите високи стандарди за производство. Истовремено, тие се потврда за исклучителниот потенцијал на македонските тероари, кои претставуваат темел на препознатливоста и автентичноста на вината на ,Тиквеш’“, изјави Ристова.

Постигнатите резултати се дел од пошироката стратегија на „Тиквеш“ за континуирано унапредување на квалитетот преку интеграција на науката, иновациите, искуството и традицијата во сите сегменти на производството. Компанијата соопштува дека останува посветена на развојот на одржливо и современо лозарство кое ќе овозможи уште поуспешно претставување на македонските тероари и вина на светската винска сцена.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ