четврток, 18 јуни 2026

Крај на голготата на Невена Спасеска, Апелацискиот суд Битола ѝ го довери старателството врз синот

По четири години поминати низ судските ходници и лавиринти скопјанката Невена Спасеска и официјално го доби старателството врз својот син, случај што силно одекна во јавноста поради судските пресврти што го пратеа овој слуачј. Конечната одлука на Апелацискиот суд Битола кој го потврди старателството над детето во корист на мајката Невена Спасеска доаѓа откако Врховниот суд минатата година ги укина пресудите на Основниот суд Охрид и битолскиот апелациски суд со кои старателството на детето му беше доверено на таткото. Тогаш, Врховниот суд наложи повторно разгледување на случајот, укажувајќи на сериозни недостатоци во постапувањето.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

По повеќе од четири години судски постапки, пресврти, поништени одлуки и институционални битки особено со Центарот за социјални работи Охрид, случајот на скопјанката Невена Спасеска доби правосилна разрешница. Апелацискиот суд во Битола ја потврди пресудата на Основниот суд во Охрид со која малолетното дете се доделува на чување, воспитување и издржување кај мајката Невена, додека таткото има право на контакти со детето.

Станува збор за случај кој го отвори МКД.мк, а кој особено во последните две години беше во фокусот на јавноста, откако малолетното дете претходно беше одземено од мајката, која првично беше обвинета за грабнување на своето дете, а потоа ослободена од вина затоа што Основното јавно обвинителство Скопје се откажа од гонење на Невена Спасеска.

Адвокатката на мајката, Аница Цветановска, вели дека одлуката претставува потврда на долга правна борба и враќање на довербата во судските институции.

„Како полномошник на мајката Невена Спасеска задоволна сум од одлуките на Основниот суд во Охрид и на Апелациониот суд во Битола, кои ја потврдија првостепената пресуда. По долгогодишната борба низ судските и институционалните лавиринти, конечно имаме законита одлука со која детето беше доделено кај мајката. Оваа одлука дава надеж дека судовите може да носат правилни и законити одлуки“, изјави Цветановска за А1он.

Во образложението на својата одлука, Апелацискиот суд Битола се наведува дека при утврдувањето на најдобриот интерес на детето биле земени предвид неговата адаптација во средината во која живее во Скопје, стабилноста на семејниот дом кај мајката и развојната фаза во која се наоѓа детето. Во одлуката уште се наведува дека првостепениот суд Охрид правилно и целосно ја утврдил фактичката состојба и правилно го применил материјалното право.

Во образложението дополнително се посочува дека биле земени предвид и мислењата на надлежниот Центар за социјална работа од Скопје, како и укажувањата од Министерството за социјална политика, демографија и млади, кое врши надзор над центрите за социјална работа. Судот оценил дека во најдобар интерес на детето е тоа да биде доверено на мајката.

Пресвртот во овој случај дојде откако лани, Врховниот суд ги укина претходните пресуди со кои старателството му беше доделено на таткото. Тогаш Врховниот суд наложи повторно разгледување на случајот, укажувајќи на недостатоци во претходните постапки и одлучувања.

Со најновата одлука на Апелациониот суд во Битола, случајот добива правосилна судска завршница, со што завршува долгогодишната правна неизвесност околу старателството врз малолетното дете.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ