Костадиновски посочува дека како претседател на Уставниот суд останува доследен на принципот да не коментира политички ставови и пораки изнесени во јавноста, но дека овојпат почувствувал обврска да реагира поради, како што наведува, личните дисквалификации и навреди упатени на негова адреса.
Во реакцијата, претседателот на Уставниот суд изразува жалење што неговиот професионален и личен ангажман, како што вели, упорно добива политичка димензија.
Тој потенцира дека прашањето каде ќе ја продолжи кариерата по завршувањето на неговиот мандат е лично право и избор, кој не треба да биде предмет на политички дебати и пресметки.
„Прашањето каде по завршувањето на мандататот ќе продолжи мојата кариера и дали тоа ќе биде универзитетската заедница претставува мој личен избор, како и легитимно право на секој граѓанин кој ги исполнува законските услови за вршење одредена професија. За конкретното прашање со кое се преокупирани некои политички структури, релевантни се следниве критериуми: моето научно творештво и искуство, како и потребата на академската заедница од таков кадар“, вели Костадиновски.
Според него, овие критериуми се објективно мерливи и не зависат од ставовите или преференците на политичките партии и нивните претставници.
Реакцијата на Костадиновски доаѓа откако политичката партија Левица во јавноста отвори прашања поврзани со неговата идна кариера по завршувањето на мандатот на чело на Уставниот суд.






