Од партијата тврдат дека премиерот Христијан Мицкоски претходно негирал дека стои зад такво вработување, но според нив, случувањата на терен го покажуваат спротивното.
Во соопштението се наведува дека по неуспешниот обид Костадиновски да биде ангажиран на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, сега се прават напори тој да биде избран во наставно-научно звање на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Левица тврди дека на седница на Универзитетскиот сенат на УГД биле усвоени измени на правилникот за избор во наставно-научни звања, кои, според партијата, овозможуваат постапката да се иницира од деканот или ректорот, наместо по претходно барање од соодветната катедра. Од партијата сметаат дека ваквите измени се направени со цел да се надмине противењето на Катедрата за меѓународно право за распишување конкурс за нов кадар.
Во реакцијата се поставува и прашањето дали постои реална потреба од нов професор на катедрата, како и дали Костадиновски ги исполнува сите академски предуслови за наставна работа во областа на уставното право.
Од Левица оценуваат дека ваквите постапки можат да влијаат врз довербата во високообразовниот систем и ја повикуваат управата на Универзитетот „Гоце Делчев“ да ја зачува универзитетската автономија и да не подлегнува на политички притисоци.






