сабота, 13 јуни 2026

Костадиновски контра Левица: На политичката сцена сѐ уште опстојува примитивен политички менталитет

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, денеска преку писмен одговор до медиумите реагираше на обвинувањата на Левица дека премиерот Христијан Мицкоски вршел притисок врз Универзитетот во Штип, Костадиновски по завршувањето на мандатот како уставен судија, да биде избран професор на овој универзитет. Костадиновски во пишаната изјава оцени дека во македонскиот политички простор сѐ уште е присутен „примитивен политички менталитет“.

Објавено на

часот

Сподели

Костадиновски посочува дека како претседател на Уставниот суд останува доследен на принципот да не коментира политички ставови и пораки изнесени во јавноста, но дека овојпат почувствувал обврска да реагира поради, како што наведува, личните дисквалификации и навреди упатени на негова адреса.

Во реакцијата, претседателот на Уставниот суд изразува жалење што неговиот професионален и личен ангажман, како што вели, упорно добива политичка димензија.

Тој потенцира дека прашањето каде ќе ја продолжи кариерата по завршувањето на неговиот мандат е лично право и избор, кој не треба да биде предмет на политички дебати и пресметки.

„Прашањето каде по завршувањето на мандататот ќе продолжи мојата кариера и дали тоа ќе биде универзитетската заедница претставува мој личен избор, како и легитимно право на секој граѓанин кој ги исполнува законските услови за вршење одредена професија.  За конкретното прашање со кое се преокупирани некои политички структури, релевантни се следниве критериуми: моето научно творештво и искуство, како и потребата на академската заедница од таков кадар“, вели Костадиновски.

Според него, овие критериуми се објективно мерливи и не зависат од ставовите или преференците на политичките партии и нивните претставници.

Реакцијата на Костадиновски доаѓа откако политичката партија Левица во јавноста отвори прашања поврзани со неговата идна кариера по завршувањето на мандатот на чело на Уставниот суд.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ