Милошоски се осврна на процесот на европската интеграција на Македонија и пошироката дебата за иднината на проширувањето на Европската Унија. Тој потсети на изјавата на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, која при посетата на Македонија посочила дека по промената на уставното име ќе се отвори европската перспектива за државата, но дека веднаш потоа следувало француското вето.
„Треба да ја разбереме комплексноста на Европската Унија. Европската комисија е наклонета кон процесот на проширување, но кај земјите членки постојат различни визии за идното проширување“, истакна Милошоски.
Тој посочи дека во рамки на ЕУ постојат неколку различни пристапи кон проширувањето – од поддршка на постојниот модел, преку концептот за помал број членки со подлабока интеграција, до гледишта кои новото проширување го поврзуваат со идниот мировен договор за Украина. Според него, постои и група земји членки кои не се против проширувањето, но немаат посебен интерес за ова прашање.
Милошоски нагласил дека Европската комисија не носи конечни одлуки за проширувањето и дека секој чекор што ќе го преземе државата треба да биде поврзан со јасна и остварлива цел.
„Нас ни треба искреност од страна на Европа, а не движечка мета во контекст на процесот на проширување. Сакаме да имаме кредибилна понуда која ќе биде остварлива, не само за нас, туку за сите земји аспиранти“, рече Милошоски.
Тој оценил дека темата за проширувањето сѐ помалку е присутна во политичките дебати во одредени земји членки, посочувајќи дека во актуелната претседателска дебата во Франција речиси и да не се отвора прашањето за проширување на Европската Унија.
Во однос на билатералните односи со Бугарија, Милошоски посочи дека последната официјална посета на претседател на бугарското Собрание во земјава била во 2008 година, додека последната официјална посета на претседател на македонското Собрание во Софија била во 2009 година.
„Парадоксално е што после потпишувањето на Договорот за добрососедство имаме реалност која е спротивна на насловот на овој договор“, истакна Милошоски.
На крајот од дискусијата, Милошоски нагласи дека државата и земјите од Западен Балкан имаат потреба од конкретни интеграциски придобивки и проекти кои ќе ја приближуваат регијата до Европската Унија, посочувајќи ги интеграцијата во СЕПА и иницијативата „роаминг како дома“ низ ЕУ како позитивни примери за практична европска интеграција.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во своето обраќање рече дека без европско правосудство не може да се врати довербата на граѓаните во државата и дека системските слабости и партизацијата ја разградуваат довербата во институциите.
Осврнувајќи се на состојбата во правосудството, Филипе посочи на бруталната партизација од страна на власта, не само во правосудството, туку на секое ниво во државата.
„Може ли да се врати вербата во правосудството? Не може без Европското правосудство. Не веруваат луѓето повеќе. Проблемот е подлабок и се однесува на целокупниот систем, а причините за ваквата состојба, се бруталната партизација којашто продолжува на секое ниво.“
„Ние можеме до утре да дебатираме за вредностите на Европска Унија, за тоа како ќе ги вратиме вредностите општествени. Нема да ги вратиме без ова. Ќе биде уште полошо и уште повеќе ќе се иселуваат младите и нема да гледаат шанса тука. Не поради стандардот, туку поради тоа што немаме систем и никој не верува веќе дека може да го воспоставиме“, потенцираше Филипче.
Тој се осврна на закочениот европски пат на државата, преговарачката рамка и реформските процеси. Нагласи дека не треба да се губи време, дека постојат јасни чекори на патот кон Европската Унија и дека тие веќе се дефинирани од страна на европските институции.
„Имаме конкретен предлог од сите земји членки на ЕУ, се вика преговарачка рамка. Ја изгласале сите земји членки на ЕУ, првиот чекор што треба да се направи е да се направат уставни измени. И да се случи следната меѓу владина конференција. Тоа е на масата. Зошто е тој скептицизам? Зошто е стравот? Напишавме предлог-резолуција да се обединиме околу националните интереси после гласањето на уставни измени нема преговори за која било и да е идентитетска одредница. Од што се плашиме, ако сите седиме заедно на масата за тие работи? Се знае кој е првиот чекор“, потенцираше Филипче.






