Докази на Обвинителството на судењето за трагедијата во Кочани

„Пулс и огнот“ се најавувале уште во 2019, ДНК и претходно настапувале, но пиротехника донеле само кобната ноќ

Снимки од настапи на музички ѕвезди, наши и српски, се гледаа денес на судењето за трагедијата во Пулс. Беа дел од доказите на Обвинителството, а го опфаќаа периодот од 2016 па до трагедијата лани во март. Обвинителот Дарко Јаневски ги анализираше видеата кои ги прикажуваше и кои се дел од доказите, но одбраната жестоко реагираше бидејќи како што кажаа во судница, тие видеа не можеле да бидат доказ. Наташа Беквалац, Раста, Милица Павловиќ, Бока Конга, Слаткар, Нокаут, Игор Џамбазов, Влатко Лозановски… се само дел од оние кои го полнеле Пулс пред да се случи трагедијата.

часот

Обвинителот Дарко Јаневски ги анализираше видеата кои ги прикажуваше и кои се дел од доказите, но одбраната жестоко реагираше бидејќи како што кажаа во судница не можеле да бидат доказ.

Обвинителот Јаневски посочи дека Пулс бил правно легитимиран како кабаре. На видеата и фотографиите кои беа извадени од социјалните мрежи и измонитани во едно видео се гледаше дека во Пулс и во минатото биле користени прскалки, но кога ДНК настапувале тие не користеле пиротехника, се до кобната ноќ.

„На видеата се гледа како прскалки во шишиња се забележуваат низ Пулс, како се користела пиротехника и во 2019 година во кабарето, пред објектот да биде реновиран. На едно од видеата се гледа дека во септември 2019 година бил најавен настап со оган, а најавата е напишана на англиски, но во превод значи ‘Дали ја слушнавте приказната за Пулс и огнот’ во 2019 година“, појасни обвинителот додека се гледаа снимките во судницата во Идризово.

На доказите и на начинот на кој беа презентирани, како и преводот од англиски реагираше одбраната која кажа дека во Законот за кривична постапка точно се знае како се употребува друг јазик за време на судски процес, а тоа не е овој начин како што тоа го прави обвинителот.

Пиротехниката во Пулс, според видеата кои беа прикажани била честа појава во кабарето Пулс.

Ивана Коцевска, сдвокатката на Дејан Јованов, газдата на Пулс во текот на судењето посочи дека пиротехника во Пулс и претходно имало, но била пријавувана и се било регуларно.

„Приоговарам на вака изведениот докази, за тоа дали овој доказ исполнува или не минимално технички услови, бидејќи се што се презентираше беа фотографии само од настани со голема оддалеченост од сцената во темни услови и со светлечки ефекти, од кои правилно не би можеле да утврдиме, дали и во кој дел се исполенети минимално техничките услови. Укажувањато за претходни настапи е ирелевантно за овој предмет, особено што Обвинителството утврдува дека и претходно се користела пиротехника, но без да знае дали тоа се ладни или топли прскалки и дали се проверени од страна на стручно лице. И самиот факт дека никогаш претходно немало проблем, а прскалките допирале до плафонот, значи дека претходно биле правени проверки. Единствено важно е дека ДНК доненеле пиротехника, а не ја пријавиле и го предизвикале пожарот. Заклучокот е дека и претходно имало пиротехника, а никогаш немало пожар“, посочи адвокатката Коцевска.

Начинот на кој се презентираа доказите според одбраната е незаконит, а обвинителот посочи дека безбедносните аспекти се значајни, затоа и овие видеа се дел од доказите.

Александар Наунов, татко на загинатата Надица Наунова во трагедијата во дискотеката „Пулс“, во изјава за медиумите остро реагираше на однесувањето во судницата, откако родител кој реагирал на изјава на адвокат бил исклучен од рочиштето, додека, како што рече, адвокатите на обвинетите не биле санкционирани иако дофрлале и зборувале без дозвола на судијката.
Наунов посочи дека еден од адвокатите на обвинетите дал коментар за снимка која е презентирана како доказ, на која се гледал повреден млад човек.
„Се гледа како еден од најповредените, излегува од дискотеката, еден од адвокатите на обвинетите рече дека ‘еве како имало 700 степени, гледај го дечкото како го шета дека е на пазар’“, рече Наунов.
Тој додаде дека поради таквата изјава реагирал еден од родителите, по што бил отстранет од судницата.
„И затоа еден од нашите… затоа еден од родителите изреагира и го исфрлија од судница“, кажа тој.
Според Наунов, во судницата постојано има дофрлања, но без последици за адвокатите.
„А сега гледаме и вие исто гледате дека се надвикуваат од сите страни, кој од лево, кој од десно, само да се исклучи вниманието на обвинителство и ние да кренеме паника и тензија за пак да не исфрлат. А нив не ги исфрлаат ни ништо, не ги казнуваат“, рече Наунов.
Тој направи споредба и со рочиштата за предметите на ОЈО ГОКК каде се гонат полициски службеници кои постапувале во „Пулс“.
„Во претходното рочиште кај што бевме, кај ОЈО-ГОКК, таму не даваат ништо. Прва опомена, втора, трета, и исклучување или парична казна“, изјави Наунов.
На крајот порача дека родителите повеќе не можат да трпат таков однос.
„Значи очекувам и тука више да биде така, бидејќи не се трпат више никој, газат врз нас, врз нашите 60 мртви деца и 218 повредени. Ова е више не се трпи“, рече Наунов.
На едно од минатите рочишта кога се гледаа снимки од ноќта на пожарот, кога едниот дел беше празен, а во другиот дел се уште внатре во Пулс имаше гужва, еден од адвокатите рече: „ Еве ги, стојат, како да излезат кога се пијани и дрогирани се“.
Пожарот во дискотеката во Кочани избувна лани во март за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Во трагедијата загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Катерина Додевска 
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ