Претседателот на влада Христијан Мицкоски денеска го осуди и однесувањето на опозициската партија Демократска унија за интеграција која, како што рече, 20 години не успеала да го реши проблемот на студентите што деновиве протестираа за полагање правосуден испит на албански јазик.
„Јас секогаш поддржувам протести како демократско право, но мене лично ми пречи тоа што протестантите кои што се правници и кои што се борат за право, токму тие го прекршуваат законот, како што се законот за знамињата или законот за државната химна, Уставот и така натаму. Навредите нема да ги коментирам затоа што тоа е домашно воспитување кое се стекнува во првите седум години од животот, нема да го коментирам насилниот инцидент, а нема да ги коментирам ниту надворешните мешања во внатрешните работи на Македонија на некои надворешни фактори и тоа ќе го сметаме за фолклор“, рече Мицкоски.
Но, тоа што во моментов ние како Влада го работиме, додаде тој, е да се обезбеди трајно решение со кое овој, но и низа други проблеми што ги наследивме од минатото треба да бидат решени.
„Го осудувам и однесувањето на опозициската партија Демократска унија за интеграција бидејќи тие имаа можност во изминатите 20 години да ги решат овие прашања и за жал ништо не направија, а решаваа лични прашања. И, ако споредите, од голтари станаа милиониери на грбот на националните пароли и на грбот на луѓето кои што мака мачат како од први до први до го поминат месецот. Ние сме одговорна Влада, проблемите се за да се решат, ние решивме стотици проблеми, така и овој ќе биде решен“, истакна премиерот Мицкоски.
На новинарско прашање за кометар во врска со најавениот митинг за поддршка на српскиот претседател Александар Вучиќ во Куманово, премиерот Мицкоски одговори дека не поддржува надворешно мешање во внатрешните работи на Македонија.
„Апсолутно не поддржувам надворешно мешање во внатрешните политики на Македонија како што тоа беше пред некој ден, но исто така ние како Влада немаме намера ниту сме пледирале да се мешаме во внатрешните и независни политики на било која држава“, нагласи Мицкоски.






