сабота, 30 мај 2026

Градоначалникот Јакуповски ги запиша проблемите на хотелиерите и на угостителите од Маврово

Ова е прва средба на сопствениците на хотелите и на другите сместувачки капацитети и на угостителите во Маврово со градоначалникот на Општина Маврово Ростуше. Претставниците на хотелско-угостителскиот сектор од Маврово му се заблагодарија на можноста за ваква средба на градоначалникот Онер Јакуповски и за можноста да ги кажат проблемите со кои секојдневно се соочуваат и да дадат свои предлози за развојот на туризмот во регионот.

Објавено на

часот

Сподели

На денешната средба беше договорено дека градоначалникот со претставниците на хотелско-угостителскиот кластер во Маврово ќе се среќаваат најмалку три пати годишно на кои тие ќе ги изнесуваат своите предлози и проблеми со кои секојдневно се соочуваат во својата работа. Главниот проблем за сите нив е хигиената, инфраструктурата, патиштата, редовното чистење на снегот за време на зимските месеци и креирање на нови содржини за привлекување на поголем број на туристи. Хотелиерите и угостителите укажаа на проблемите со редовното нефункционирање на граничниот премин Стрезимир, со чистењето од снегот на патот за Галичник, со проблемот на неработењето на жичарниците за Бистра и за време на летните месеци, со урбанистичките планови во регионот…

Градоначалникот Јакуповски информираше дека во тек се консултации со полицијата на Македонија и на Косово за редовно функционирање на граничниот премин Стрезимир. Тој вети дека во план е изградба на локален пат за Галичник од страната на селото Јанче, пат кој за време на зимските месеци многу полесно ќе се одржува и чисти од снежните навеви.

Угостителско-хотелиерските работници сметаат дека општината мора да вложи многу повеќе во организирање на содржини и за време на летните месеци, како на пример зип-лајн, авантуристички паркови, водени спортови на Мавровското Езеро… Туристичките работници го потсетија градоначалникот на неговото предизборно ветување за вело патека околу Мвровското Езеро.

Јакуповски се согласи со сите предлози на туристичките работници од Маврово и вети дека општината ќе вложува многу повеќе за развој на туризмот во Маврово преку целата година.

Градоначалникот и претставниците на рестораните и хотелите од Маврово разговараа и за претстојното светско првенство на риболов на крап на Мавровското Езеро во септември и за она што може да биде направено за привлекување на што е можно поголем број на туристи.

Јакуповски вети дека летово ќе однесе група од хотелиерите и угостителите од Маврово на некој од развиените планински туристички места од соседството.

А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ