Истражувањето опфатило шест европски држави – Австрија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Данска, Полска и Македонија, а бихејвиоралниот експеримент (тест на однесување) за демократска отпорност бил спроведен врз вкупно 4.550 испитаници во четири од земјите опафетни со истражувањето, од кои 581 во Македонија, анкетирани во октомври 2025 пред локалните избори.
Македонија над Австрија, Данска и Италија
Ананд Муругесан од Универзитетот во Виена ги презентираше резултатите од експериментот во кој учесниците биле прашани дали би прифатиле паричен надомест за да потпишат петиција спротивна на нивните политички убедувања.
80 отсто од испитаниците во Македонија рекле дека би одбиледа го направат тоа што е еден од највисоките проценти во истражувањето, над Италија (79 отсто), Австрија (78 отсто) и Данска (77 отсто).
„Посебно значаен е наодот за тоа како граѓаните ги перцепираат другите, македонските испитаници во просек процениле дека само 49 отсто од нивните сограѓани би одбиле таква понуда, наспроти вистинските 80 отсто. Ова покажува дека, испитаниците значително ги потценуваат демократските вредности на другите, иако самите тие ги бранат“, велат од Институтот за демократија.
Во паралелен експеримент за правото на глас, 78 отсто од македонските испитаници одбиле да разгледаат парична компензација за воздржување од гласање на избори.
„Рамнодушноста кон политиката е поголем демократски ризик од самата емоционалност”, велат истражувачите вклучени во проектот. Според резултатите, граѓаните кои изразиле гнев, анксиозност или надеж биле значително помалку подготвени да заработат од своите права, додека политички рамнодушните испитаници биле поотворени за таква можност.
Омразата е секојдневна, а не само за време на избори
Спротивно на позитивните наоди за демократска отпорност, на 120.000 објави и коментари на платформата X (поранешен твитер) од Македонија, спроведена од Родриго Ортега Изкиердо од PredictBy, открива дека 98 отсто од коментарите насочени кон политичарите содржат елементи на омраза, а 82 отсто содржат индикатори на гнев.
Анализата, исто така потенцира дека омразата не се зголемува само за време на изборни кампањи,туку таа е постојано присутна во македонскиот онлајн политички простор во текот на целата година, за разлика, другите емоции како ентузијазам, среќа и гнев, кои јасно се зголемуваат за време на изборните периоди.
„Истражувањето, врз вкупен корпус од 2,17 милиони објави во шесте земји, исто така покажа дека страв и анксиозност генерираат најмногу реакции кај содржините на политичарите, додека конструктивните и позитивни пораки се покажаа како најстабилен двигател на досег, наод со практични импликации за политичката комуникација“, велат од Институтот за демократија.
Покрај наодите за социјалните медиуми и демократската отпорност, на настанот биле презентирани и теоретски основи на проектот од Павел Новаковски од Универзитетот во Вроцлав, Полска, кои аргументираат дека проблемот на современата политика не е премногу емоции, туку недостиг на емоционална разновидност во јавниот дискурс, како и методологијата на Лукаш Вилчински од ASM Research Solutions Strategy која комбинира биометриски мерења на реакциите на различни политички пораки.






