
Платформата е изум на четири студентки на четврта година – Стефанија Цветковска, Симона Милошеска и Ана Матеска од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство-ФИНКИ и Христина Петковска од Економскиот факултет.
Креативното решение на нивниот тим беше меѓу победничките три од десетте што учествуваа на студентскиот онлајн-хакатон во мај годинава – „Хакирај ја сивата економија во е-трговијата“. Добија награда од 1.000 евра за да го имплементираат нивното решение.
Хакатонот го организираше Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ) со цел студенти да смислат решение кое ќе помогне да се намали сивата економија во е-трговијата. За функционалноста на платформата тие соработуваат со АЕТМ која им ги праќа информациите кои се ставаат на овој сервис.
Ана Матеска од ФИНКИ за МИА вели дека платформата е нешто ново што им овозможува на физичките лица лесно да ги проверат е-трговците зашто на едно место се собрани сите. Може да ги пребаруваат со впишување име или по категории.
„Целта на решението што го развивме, веб-платформата наречена ‘Провери па купи‘, е на едно место да бидат собрани сите е-трговци и доколку физичко лице сака да купи нешто онлајн да може на едноставен начин прво да провери дали тој трговец е регистриран и доколку е, да биде сигурен дека е веродостоен и дека се заштитени неговите права на потрошувач“, рече Матеска.
Според неа, купувањето на тој начин станува безбедно и доверливо, а корисниците на платформата учествуваат во сузбивање на сивата економија во е-трговијата – незаконска економска активност со негативен ефект врз целото општество која го намалува и квалитетот на живот.
„Цел на платформата е да се допре и до нерегистрираните трговци и да се мотивираат да се регистрираат за да бидат ценети од страна на клиентите и препознаени како доверливи трговци“, додава Матеска.






