„Во услови на инфлација, раст на цените на сите суровини и репроматеријали, стотици парафискални давачки, наместо олеснување и креирање на политики за економско заздравување, ваквото наметнување на нов трошок за ПЦР тестови само ќе придонесе за згаснување на претпријатијата и продукција на зголемен број на невработени лица кои ќе паднат на товар на државата. Проблемот е нагласен поради тоа што не се работи за еднократен трошок, за да би можеле деловните субјекти да калкулираат во своите пресметки, како што се на пример редовните систематски прегледи за вработените, туку се работи за константно повторување на секои 72 часа, што е тотално несправедливо“, наведува оваа комора во своето соопштение.
Со најавената задолжителна вакцинација во приватниот сектор се добива впечаток дека проблемот се префрла од Министерството за здравство кон деловните субјекти, смета оваа комора.
„Во услови кога не е спроведена целосна вакцинација на медицинскиот персонал, потребна е сериозна кампања на Министерството за здравство преку која ќе се споделат релевантни информации за вакцините и ќе им овозможи на луѓето секој индивидуално да донесе одлука базирана на факти.
Сојузот на стопански комори на Македонија ја повикува Владата, наместо донесување на мерки со кои ќе се продлабочи кризата, како што велат, во наредниот период да се посвети на креирање и имплементација на политики кои ќе донесат заздравување на економијата, преку нови, навремени, континуирани и насочени мерки, донесени во консултација со приватниот сектор.






