Овој процент, како што рече Бислимоски е она што може да го направи Регулаторната комисија, иако компаниите бараа енормно зголемување на цената, но не е фер трошокот за природниот гас да падне на грбот на граѓаните. Тој информираше дека вчера упатил апел и до Владата и до Град Скопје и до скопските општини да помогнат. Владата, според него, презема одредени чекори кои ќе ги објави во наредниот период за да се најде начин како да се покрие трошокот за набавка на природен гас.
„Барам и апелирам до Град Скопје и општините да помогнат во однос на покривање на дел од трошоците за топлинска енергија во Скопје“, рече тој.
Бислимоски појасни дека кај вкупните сметки на потрошувачите заради ова зголемување на цената на парното, вкупното месечно зголемување е 250 илјади евра и додаде дека овие пари можат да се покријат на месечно ниво од сите институции во државата.
Како што информираше Бислимоски, основен критериум за формирање на цената на парното греење е цената на природниот гас која лани просечно се движела околу 240 долари за нормален кубен метар, а годинава на БЕГ производство му е понудена цена од 1480 долари.
„Доколку ја вкалкулиравме ваквата цена на природниот гас во крајната цена за парното ќе требаше да има зголемување од околу 190 отсто, но тоа не е опција. Затоа се одлучивме да побараме помош од Владата, Град Скопје и скопските општини да помогнат да се надмине разликата во цената“, рече Бислимоски и додаде дека вообичаено БЕГ давал по два милиони евра во јануари за набавка на гас, а годинава ќе треба да даде 13,8 милиони евра.
Нагласи дека е набавен гас за ЕСМ Енергетика и за топланата Скопје Север, како и за првите 15 дена од работењето на БЕГ.
Како опција, која не ја препорачува од еколошки аспекти, сите топлани можат да се префрлат на работа на мазут за само неколку дена, а БЕГ како најголем снабдувач е должен да има резерви од мазут за 15-дневно работење.





