недела, 19 април 2026

Отворен Балкан: Олеснет транспортот на храна меѓу Македонија, Албанија и Србија

Објавено на

часот

Сподели

Според Договорот, од вчера на границите меѓу Македонија, Србија и Албанија ги нема фитосанитарните и ветеринарските инспекции, бидејќи трите земји ги усогласија лабораториските анализи за прехранбените производи. Тоа значи дека храната што тргнува од Македонија кон Србија, не треба да биде контролирана и во Србија зашто претходно веќе била контролирана кај нас.

Според директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Николче Бабовски, за олеснување на трговијата меѓу трите држави и олеснување на протокот на добра меѓу Македонија, Албанија и Србија, врз основа на Договорот, на граничните премини при увоз се врши само контрола на документацијата односно, идентификациски преглед на пратките, додека физичкиот преглед се врши на местото на истовар или на царински термнинал во внатрешноста.

Трите земји потписнички на Договорот разменија и мониторинг планови за безбедност за храната и здравјето на животните, со цел секоја од нив да има увид во степенот на безбедност на храната и усогласеноста на националните законодавства со ЕУ легислативата во областите кои се предмет на Договорот.

„Договорот има за основа интензивирање на соработката базирана на воспоставени ЕУ стандарди и признавање на резултатите од спроведените лабораториски анализи со акредитирани методи како основа за олеснување на трговијата и развој на економиите во трите држави. Тој претставува база и реален вовед во активностите кои на ова поле треба да ги преземеме како држави во поглед на пристапувањето кон Европската Унија“, вели Бабовски.

На последниот состанок на иницијативата „Отворен Балкан“, што се одржа во декември во Тирана помеѓу Македонија, Србија и Албанија беа потпишани договорот за условите за слободен пристап до пазарот на трудот на Западен Балкан, договорот за интерконекција за шемите за електронска идентификација на граѓаните на Западен Балкан и договорот за соработка во областа на ветеринарството, безбедноста на храна и фитосанитарната политика. Овие договори, како што беше речено на состанокот ќе обезбедат слободно минување на границите помеѓу Македонија, Србија и Албанија, отворање можности за слободен проток на стока и капитал, како и обезбедување увоз-извоз и на земјоделски производи и жив добиток врз основа на реципроцитет.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ