сабота, 30 мај 2026

Долги колони и повеќечасовни чекања на Евзони поради нови биометриски контроли

Километарски колони возила, десетици туристички автобуси и повеќечасовни доцнења се бележат претпладнево на граничниот премин Евзони/Богородица, каде туристите се соочуваат со големи задржувања при влез во Грција.

Објавено на

часот

Сподели

Според медиумите од Солун, причината за застојот се новите биометриски контроли, кои значително го забавуваат протокот на патници. Утрово, чекањето за патнички возила изнесувало околу два часа, додека туристичките автобуси чекале и повеќе од пет часа.

Патниците, како што пренесуваат грчките медиуми, се соочуваат со непријатни услови, долги колони и чекање на високи температури, при што дел од нив изразиле незадоволство од ваквиот почеток на патувањето.

Во некои извештаи се наведува дека поради големите застои бил активиран и стариот систем на проверки за патниците во туристичките автобуси, со цел да се забрза протокот и да се нормализира состојбата.

Грчките медиуми посочуваат дека доцнењата се директно поврзани со имплементацијата на новиот систем за влез и излез од Европската Унија (EES), кој предвидува електронска и биометриска регистрација на државјани од трети земји.

Во меѓувреме, надлежните во Грција одржале состаноци за состојбата на граничните премини и разгледале мерки за олеснување на протокот, меѓу кои и подобрување на информатичките системи и можни привремени технички решенија.

Грчкиот министер за заштита на граѓаните Михалис Хрисохоидис изјавил дека земјата мора да ја спроведува европската легислатива, но нагласил дека постојат и предизвици поврзани со инфраструктурата и зголемениот обем на сообраќај.

Според него, дел од поплаките за новиот систем пристигнале и од соседни земји, меѓу кои се споменуваат Македонија и Србија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ