сабота, 30 мај 2026

Алиу: Законот ги штити децата и непушачите и се забранува онлајн рекламирање

Министерот за здравство Азир Алиу информираше дека е завршена консултативната и институционалната постапка за Предлог-законот за заштита од употреба на производи од тутун или сродни производи, кој наскоро ќе биде разгледан на владина седница, а потоа ќе биде доставен во собраниска процедура.

Објавено на

часот

Сподели

На завршниот состанок со претставници на тутунската индустрија и угостителскиот сектор, на кој присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски, Алиу истакна дека новото законско решение е резултат на широка јавна и институционална дебата.

Според него, потребата од нов закон произлегува од фактот што актуелниот закон е донесен во 1995 година и, иако претрпел девет измени, повеќе не одговара на современите услови и новите производи на пазарот, како што се електронските цигари и несогорливите тутунски производи.

Алиу посочи дека тутунот е поврзан со над 3.600 смртни случаи годишно, што претставува околу 13 проценти од вкупниот број смртни случаи во државата. Економските загуби од употребата на тутун се проценуваат на околу 38 милијарди денари годишно, односно повеќе од 600 милиони евра.

Министерот нагласи дека новиот закон не ги забранува производството, увозот, извозот и продажбата на тутунски производи, туку ја регулира нивната употреба и промоција во насока на заштита на јавното здравје.

Со новото законско решение се предвидуваат построги правила за употреба на тутунски и никотински производи во затворени јавни простори, регулирање на употребата на електронски цигари и несогорливи производи, како и дополнителна заштита на децата. Меѓу мерките се и забрана за пушење во возило во присуство на дете, како и во близина на влезовите на здравствени и образовни установи.

Законот воведува и јасни критериуми за терасите на угостителските објекти, при што ќе биде дозволено пушење само на тераси кои се отворени од најмалку две страни.

Дополнително, се предвидува целосна забрана за рекламирање, промоција и спонзорства на тутунски производи преку интернет-платформи, социјални мрежи и инфлуенсерски маркетинг.

Алиу истакна дека новиот закон предвидува јасно разграничени надлежности за 14 надзорни и инспекциски органи со цел поефикасна контрола на неговото спроведување.

Во текот на подготовката на законското решение биле одржани седум работни состаноци со претставници на тутунската индустрија и пет со угостителскиот сектор, додека преку јавната расправа на ЕНЕР биле разгледани 58 коментари од граѓани, здруженија, експерти и компании.

Следниот чекор е разгледување на Предлог-законот на седница на Владата, по што ќе следува негово процесирање во Собранието.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ