Премиерот Христијан Мицкоски денеска на завршниот состанок со претставници од тутунската индустрија и угостителскиот сектор изјави дека законот ќе стапи во сила веднаш по неговото донесување, со исклучок на одредбата која се однесува на адаптација на угостителските објекти, за која е предвиден грејс период од 12 месеци.
Тој нагласи дека предложениот текст претставува компромисно решение, изготвено низ инклузивен процес во кој биле вклучени сите засегнати страни, меѓу кои здруженија, производители, дистрибутери, хотелиери, угостители, сопственици на ресторани и ноќни клубови.
И претставниците на бизнис-секторот потврдија дека законот бил креиран со партнерски пристап, при што изразија благодарност до Владата и Министерството за здравство за тоа што е предвиден едногодишен период за адаптација на терасите во угостителските објекти, со цел да се намалат економските последици врз секторот.
На состанокот беше нагласено дека новиот закон ја затвора таканаречената сива зона во однос на терасите, воведувајќи прецизни и спроведливи критериуми за нивна адаптација, како и построги контроли за негово спроведување.
Претставници на угостителскиот сектор истакнаа дека во основа ја поддржуваат заштитата на јавното здравје и забраната за пушење, но и дека се потребни избалансирани решенија кои ќе овозможат економска одржливост и постепена имплементација.
Од Групацијата за производство на цигари при Стопанската комора порачаа дека ги поддржуваат мерките за заштита на малолетните лица и ограничување на пристапот до тутунски производи, но посочија дека е важно регулативата да биде избалансирана и усогласена со европските практики.
Тие предупредија и дека прекумерната регулација може да придонесе за раст на нелегалната трговија, нагласувајќи ја потребата од натамошен дијалог меѓу засегнатите страни.
Премиерот Мицкоски и министерот за здравство Азир Алиу порачаа дека очекуваат доследна примена на законот и дека нема да има повластени при неговото спроведување.
„Ако некој мисли дека ќе биде повластен затоа што е близок со некого, се лаже. Ќе има санкции“, порача Мицкоски.
Министерот Алиу посочи дека се воспоставува функционален надзор со вкупно 14 надлежни органи со јасно разграничени надлежности, со цел поефикасна контрола и спроведување на законот на терен.






