понеделник, 1 јуни 2026

Аналитика: Секој втор возрасен во Македонија пуши, јавноста бара построги мерки

По повод 31 Мај – Светскиот ден без тутун, кој оваа година се одбележува со глобален фокус на заштита од изложеност на чад и намалување на зависноста од никотин, новите податоци на Аналитика покажуваат дека Македонија и понатаму се соочува со сериозен јавно-здравствен предизвик.

Објавено на

часот

Сподели

Според најновото национално репрезентативно истражување на Аналитика, 53,8 отсто од возрасната популација користи тутун или никотински производи, додека 50 отсто се активни пушачи на цигари. Овие бројки ја позиционираат земјата меѓу државите со највисока стапка на пушење во Европа. Дополнително, истражувањето укажува на раст на дневната употреба на цигари во однос на претходните години.

„Ситуацијата останува загрижувачка и во однос на изложеноста на чад во затворени простории. Дури 62 отсто од граѓаните изјавуваат дека сведочат на пушење во ресторани, додека 64,7 отсто забележуваат употреба на загреан тутун (HTP), што укажува на недоволна заштита на непушачите и потреба од поефикасна регулатива за новите никотински производи“, велат од Аналитика.

Според нивните резултати, и покрај високата распространетост на пушењето, податоците покажуваат силна јавна поддршка за заострување на мерките за контрола на тутунот. Дури 90,2 отсто од граѓаните се запознаени со предложените законски измени, а мнозинството поддржува конкретни ограничувања.

Меѓу најподдржаните мерки се забраната за пушење во автомобили во присуство на деца (83,5 отсто), забраната за рекламирање на нови никотински производи (63,1 отсто), како и ограничувања за вкусови и ароми (51,4 отсто). Речиси половина од испитаниците (47,3 отсто) поддржуваат и ограничување на пушењето на затворени тераси.

„Особено значаен е податокот дека речиси 90 отсто од пушачите изразуваат поддршка за зголемување на цените на тутунските производи, што, според експертите, ја потврдува ефикасноста на даночните политики како клучен инструмент за намалување на употребата на тутун. Овие наоди укажуваат дека, и покрај високото ниво на употреба на тутун, постои значителна јавна подготвеност за посилни политики за контрола, во согласност со препораките на Светската здравствена организација“, велат од Аналитика.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ