понеделник, 17 ноември 2025

Почина Дајан Китон

Добитничката на Оскар, актерката Дајан Китон, почина на 79-годишна возраст, објавија американските медиуми.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Китон, која е родена во Лос Анџелес, се прослави во 1970-тите преку нејзината улога како Кеј Адамс-Корлеоне во филмовите „Кум“.

Таа беше позната и по улогите во „Таткото на невестата“, „Клубот на првите сопруги“, како и во „Ени Хол“ на Вуди Ален, кој во 1978 година ѝ ја донесе наградата Оскар за најдобра глумица.

Нејзиниот препознатлив стил – машки елеци, капи и одела – стана модна инспирација. Иако често се шпекулираше дека филмот го одразува нејзиниот однос со Ален, Китон рече: „Не е вистина, но има елементи на реалноста“.

Актерката, чија холивудска кариера траеше повеќе од 50 години, почина во Калифорнија, потврди нејзиното семејство за списанието Пипл. Извор, исто така, ја потврдил нејзината смрт за Њујорк тајмс.

Оддавајќи почит, нејзината колешка од „Клубот на првите сопруги“, Бет Мидлер, напиша на Инстаграм: „Брилијантната, прекрасна, извонредна Дајан Китон почина. Не можам да ви опишам колку ова ме прави неподносливо тажна.

Таа беше урнебесна, целосно оригинална и целосно без лукавства или каква било конкурентност што би се очекувала од таква ѕвезда. Таа беше тоа што го гледавте… ох, ла, лала!“

Актерот Бен Стилер оддаде почит на Икс, пишувајќи: „Дајан Китон. Една од најголемите филмски актерки на сите времиња. Икона на стил, хумор и комедија. Брилијантна. Каква личност.“

Китон беше номинирана за Оскар и за улогите во „Нешто мора да се промени“, „Собата на Марвин“ и „Црвени“.

Таа никогаш не се омажи и имаше две посвоени деца – ќерка, Декстер, и син, Дјук.

„Мајчинството не ми беше неодолива потреба, туку идеја за која размислував долго време. И едноставно се впуштив во тоа“, рече во една пригода.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ