
Роден во Скопје, Ѓорги Цинциевски ги завршува студиите на Кралскиот колеџ за музика во Манчестер. Таму дипломира и магистрира во класата на проф. Јиржи Худец и е назначен за негов асистент. Цинциевски е прв помлад асистент во класата за контрабас на овој факултет. Соработува со некои од водечките музичари на денешницата како: Валери Гергиев, Бернард Хаитинк, Курт Мазур, Фабио Луизи, Сер Марк Елдер, Даглас Бојд и многу други, а свирел и во престижните оркестри: Филхармонијата на Би Би Си, оркестарот „Хале“, Филхармонијата во Малме, Радио-симфонискиот оркестар во Виена, Лондонските „Моцарт плејерс“, финската Лиепаја Филхармонија и многу други. Ангажманите како соло контрабасист и оркестарски музичар го носат на бројни престижни фестивали во Европа и Азија. Покрај неговата активност како солист и водач на секцијата контрабаси на филхармонијата во Малта, Ѓорги е активен и како педагог одржувајќи бројни мајсторски курсеви, работилници и соло концерти во Велика Британија, Кина, Германија, Франција, Тајланд, Латвија, Куба, Италија, Полска и Малта. Неговите интерпретации се високо оценети од музичката критика поради техничката виртуозност, но и поради исклучителната музичка експресија и страст со која тој му приоѓа на инструментот, а која резултира и со бројни аранжмани и транскрипции на дела за контрабас и камерни ансамбли.
Ѓорги Цинциевски е основач и уметнички директор на фестивалот Меѓународни денови на контрабас кој се одржува во Валета, а од 2014 година е уметник-солист спонзориран од компанијата „Пирастро“ која изработува жици за гудачки инструменти.
Марија Вршкова е родена во Битола, таму го завршува основното и средното музичко образование. Дипломирала на Факултетот за музичка уметност – Скопје со највисоката оцена cum laude во класата на проф.Т.Светиев и на истиот факултет ги завршува и магистерските студии по пијано. Во текот на образованието добитник е на повеќе награди во рамките на поранешна Југославија, а најзначајна е третата награда на Меѓународниот натпревар за млади пијанисти во Рим – Италија. Учествувала на бројни семинари по пијано и камерна музика, а неколку пати е единствен претставник на земјава во Светскиот младински оркестар каде соработува со врвни диригенти и солисти. Покрај неколкуте снимени ЦД-а со истакнатите македонски уметници: Ана и Олег Кондратенко, Блерим Груби, Страшо Темков, во 2010, таа го снима и своето прво солистичко ЦД со македонска музика за пијано. Како солист и камерен музичар настапува во: Турција, Хрватска, Холандија, Германија, Полска, Велика Британија, Украина, Италија, Бугарија, Русија, Америка, Србија, Австрија, Грција… Вршкова е дел од уметниците кои редовно настапуваат на реномираните македонски фестивали: Охридско лето, ДММ, Златна лира, Есенски музички свечености. Како врв на нејзината уметничка дејност е наградата за специјално уметничко достигнување, добиена од страна на интернационалното жири на интернационалниот натпревар „Охридски бисери“ во 2009 година, како и трите награди „Виртуози“ една за најдобар музички изведувач во 2013 година и две награди во категоријата најдобар камерен состав во 2015 и 2016 година. Марија Вршкова сега е доцент на ФМУ – Скопје.





