Виј
Во свеста, како во полноќна црква,
те заклучив. И свеќи ко што бледат
на гасење, ти сега бледиш така,
а сите светци похотно те следат.
Ти тука си заточеница за која
јас толку мошни заклинања правам,
и еве веќе настапува часот
и сешто гласи дека ќе се јавам.
Јас идам како оној грозен Виј,
со сиви очи, сиот земја жедна,
да, страшен сум, и дека нежност носам
во тврди грутки – затоа си бледна.
Се ближам како нежен Виј, но веќе
таинствена си повлекла ти црта,
и штом ќе стапам по пределот, остро
се руши понор и со карпи чкрта.
И сиот жеден, песок, јас се ронам
во таа пропаст, и сѐ веќе гасам.
Јас, Виј, во свеста те домамив мошно,
но, жеден, немам сила да те стасам.






