За Мрежата за заштита од дискриминација, Платформата за родова еднаквост, Македонската платформа против сиромаштијата и Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство Ова не е само техничка измена.
„Ова е сериозен преседан кој може да има долгорочни последици врз граѓанското општество, заштитата на ранливите категории и демократијата во Македонија. Со децении, граѓанските организации обезбедуваат директна поддршка за лица со попреченост, жртви на семејно и родово базирано насилство, стари и изнемоштени лица, деца, млади, жени, Роми и други лица и заедници во ранлива положба. Тие работат на терен, во заедниците, во советувалишта, дневни центри, шелтер-центри и други услуги каде што граѓаните најмногу имаат потреба од поддршка.
Со предложените измени се отвора ризик средствата наменети за ранливи категории да се распределуваат без јасни, транспарентни и отчетни критериуми, без гаранција дека ќе стигнат до организациите кои имаат искуство, стручност, лиценцирани услуги и директна работа со граѓаните.
Доколку постојат слабости во досегашниот систем на распределба на средствата, решението не е бришење на граѓанските организации од законот. Решението е подобар, потранспарентен и поотчетен систем: јавни повици, јасни критериуми, независна евалуација, редовен мониторинг и објавување на резултатите од финансираните програми.
Затоа, ги повикуваме да пратениците да побараат јавно и јасно образложение од предлагачите на законот: која е причината граѓанските организации, националните инвалидски организации и Црвениот крст да се избришат од законското решение?
Бришењето на граѓанскиот сектор од законите е опасен сигнал. Тоа отвора прашање дали во Македонија се појавуваат практики кои го стеснуваат просторот за граѓанско дејствување и ја оддалечуваат земјата од демократските стандарди и европскиот пат.
Демократските држави не го исклучуваат граѓанското општество од системот. Напротив, тие го препознаваат како партнер, коректив и носител на услуги за граѓаните. Европскиот пат на Македонија подразбира транспарентност, јавна расправа, учество на граѓаните во креирањето политики и заштита на независното граѓанско дејствување.
Пратениците имаат одговорност не само да гласаат за законски текстови, туку и да ја заштитат демократијата, јавниот интерес и правата на граѓаните кои најмногу зависат од поддршка.
Затоа бараме од пратениците да не ги поддржат предложените измени во оваа форма, да побараат повлекување или измена на предложениот текст, со цел граѓанските организации, националните инвалидски организации и Црвениот крст да останат јасно препознаени во законот како организации што можат да добиваат и спроведуваат средства наменети за ранливи категории и да организираат јавна расправа и консултации со граѓанските организации, мрежите, националните инвалидски организации, организациите што работат со жртви на насилство, Црвениот крст и другите релевантни чинители. Исто така бараме да се заложат за транспарентен и отчетен механизам за распределба на средствата, заснован на јавни повици, јасни критериуми, докажана експертиза, квалитет на услугите и реалните потреби на граѓаните.
Ова прашање не смее да се гледа како партиско прашање. Ова е прашање на демократија, владеење на правото, транспарентност, европски вредности и заштита на најранливите граѓани. Ги повикуваме пратениците да застанат на страната на јавниот интерес. Ги повикуваме пратениците да ја заштитат улогата на граѓанското општество. Ги повикуваме пратениците да не дозволат граѓанските организации да бидат избришани од законите. Ги повикуваме пратениците да ја заштитат демократијата во Македонија“, се вели во соопштението на Мрежата за заштита од дискриминација
Платформа за родова еднаквост, Македонска платформа против сиромаштија и
Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.






