Оливера Костова, претставник на здружението вели дека ако се усвои предлогот на Владата, без јавна расправа и консултации со нив, 10 илјади вработени во овој сектор ќе останат на улица, а тоа значи дека заедно со семејствата бројката ќе дојде до 35 илјади нови кандидати за иселување од земјата.
„Тоа е социјална бомба. Каде ние да се вработиме? Актуелните наши работодавачи ни обезбедија обуки, професионално усовршување по највисоки европски и светски стандарди за организирање игри на среќа. Ако овој економски сектор престане да постои во Македонија, ние ќе немаме друг избор освен да аплицираме во странство, во ЕУ, во западните земји за да работиме на работни места за кои сме се обучиле. Доколку надлежните и натаму мислат дека можат да не игнорираат, ние сме подготвени да организираме масовни протести“, рече Костова.

Ова денеска е само предупредувачки собир за да покажеме дека сме спремни, рече Стеван Крстевски од Сакам да работам и додаде дека осум години секој што ќе стигне ги држи во заложништво.

„Дали некој се запрашал какво е чувството да се живее во ваква агонија и постојан немир? Од оваа работа ние чесно го вадиме нашиот леб. Ова е за нас единствен стабилен приход и надлежните мора да разберат дека овој предлог-закон удира врз реални човечки судбини. Сите ние имаме кредити за плаќање, подмируваме кирии и сметки, издржуваме семејства. Недозволиво е оние кои седат во удобните фотелји, вака да си поигруваат со нашата егзистенција. Нашата порака е јасна – нема да дозволиме преку ноќ да нè избркате на улица, оставете нè конечно на мира чесно да работиме“, рече Крстевски.






