среда, 27 мај 2026

За половина ден тетовската полиција приведе четворица возачи, возеле без возачка дозвола

Полициски службеници од Министерство за внатрешни работи во одделни контроли во Тетово и тетовско лишиле од слобода четири лица кои управувале возила без положен возачки испит или без возачка дозвола, соопшти СВР Тетово.

Објавено на

часот

Сподели

Вчера попладне полициски службеници од СВР Тетово го привеле 22 годишниот Г.А. од тетовското село Мала Речица. При контролата било утврдено дека управувал мопед со велешки регистарски ознаки без положен возачки испит.

Мопедот бил одземен, а против него ќе следува соодветна пријава.

Истиот ден, во исто време во селото Порој, тетовско, бил приведен и 28 годишниот А.И. од селото Гајре, кој управувал патничко моторно возило „БМВ“ со тетовски регистарски ознаки без возачка дозвола.

„Возилото било одземено и задржано, а по документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава“, информираа од СВР Тетово.

Во текот на ноќта, половина час после полноќ, на крстосницата меѓу улиците „Благоја Тоска“ и „Борис Кидрич“ во Тетово, полициски службеници го лишиле од слобода 19 годишниот И.Т., кој управувал возило „Фолксваген голф“ без возачка дозвола.

Како што соопштија од СВР Тетово, и нему му било одземено возилото, а и против него ќе следува соодветна пријава.

Само дваесет минути подоцна, на крстосницата меѓу улиците „Илинденска“ и „ЈНА“ исто така во Тетово, полициски службеници ја лишиле од слобода В.М., која управувала возило „БМВ“ со тетовски регистарски ознаки без возачка дозвола.

И во овој случај возилото било одземено, а против возачката ќе биде поднесена соодветна пријава.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ