Од ДКСК информираа дека стратегијата претставува клучен стратешки документ насочен кон превенција на корупцијата и зајакнување на институционалниот интегритет, а е подготвена преку широк консултативен процес во кој биле вклучени институции, граѓански организации, експерти, приватниот сектор, медиуми и меѓународни партнери.
Во фокусот на стратегијата се области со висок ризик од корупција, меѓу кои јавните набавки, надзорот над спроведувањето на законите, правосудството, просторното и урбанистичкото планирање, транспортот и инфраструктурните проекти, здравството, како и животната средина, енергетиката и природните ресурси.
Целокупната документација е достапна на официјалниот линк објавен од ДКСК, а сите заинтересирани страни и граѓаните ќе можат да доставуваат коментари и предлози по Нацрт-стратегијата заклучно до 8 јуни 2026 година.
По разгледувањето на пристигнатите коментари и конечното усогласување на текстот, ДКСК ќе ја донесе Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2026-2030 со акциски план за нејзино спроведување, по што документот ќе биде доставен до Собранието на Македонија за усвојување, согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.
Од Комисијата посочуваат дека во текот на 2025 и почетокот на 2026 година биле реализирани сите фази за подготовка на новата стратегија. Во рамки на процесот била подготвена методологија за проценка на ризиците од корупција, изработена била проценка на ризиците, како и методологија за изготвување на новата стратегија.
Процесот, според ДКСК, се одвивал со континуирана вклученост на претставници од државните институции, граѓанскиот сектор, фондации, приватниот сектор и медиумите.
За подготовката на стратегијата биле ангажирани повеќе домашни и еден меѓународен експерт, со цел обезбедување на највисоки стандарди и детална анализа на ризиците од корупција во секоја област.
Во периодот од октомври до декември 2025 година биле одржани 21 целодневна работилница, по три за секоја предвидена област. На работилниците се работело на дефинирање визија и цели за секој сектор, утврдување на приоритетните проблеми, како и предлагање мерки, активности и надлежни институции за надминување на состојбите што генерираат висок степен на корупција.
Како резултат на овие работилници и дополнителните состаноци со институции и засегнати страни, изготвена е Предлог националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2026-2030, со акциски план за нејзино спроведување.






