среда, 27 мај 2026

Научниците предупредуваат: Ротацијата на Земјата се менува со невидена брзина

На Земјата секој ден, иако тоа не можеме да го забележиме, ѝ е потребно сè повеќе време за да ја заврши својата ротација. Оваа промена се мери само во делови од милисекунда, но силите што стојат зад неа се незамисливо големи, пренесува Би-би-си Сајанс Фокус.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Според резултатите претставени во нова студија, објавена во Журнал за геофизички истражувања: Цврста Земја, стапката со која деновите се продолжуваат е „невидена“ во последните 3,6 милиони години геолошка историја.

Резултатите покажуваат дека поларните глечери и ледените гребени се топат поради климатските промени, а водата што беше заробена на високите географски широчини сега се движи низ океаните и се шири кон екваторот. Оваа промена довела до промена на масата на половите и, исто како што лизгачите забавуваат кога ќе ги рашират рацете, така се забавува и ротацијата на Земјата, се наведува во текстот.

Претходните студии веќе покажаа дека климатските промени имаат чуден ефект врз ротацијата на нашата планета. Сега тим од Универзитетот во Виена и ETH Цирих истражуваше дали некогаш се случило нешто слично во историјата на планетата.

Одговорот е јасно и гласно – не.

Должината на денот никогаш не била совршено одредена. Ротацијата на Земјата постојано се менува поради гравитациската сила на Месечината, како и процесите што се случуваат длабоко во планетата, како и во атмосферата. Овие сили влечат и туркаат во различни насоки и можат да доведат до промени во должината на денот. Она што го откриле научниците е дека климатските промени станале доволно силни за да ги изедначат или надминат сите овие други сили.

За да погледнат милиони години наназад, научниците ги проучувале фосилните остатоци од едноклеточни морски организми од морското дно, познати како бентосни фораминифери.

Специјално развиен алгоритам за машинско учење, дизајниран да ја препознае несигурноста во податоците што се толку стари, им овозможил да донесат заклучоци врз основа на материјали стари 3,6 милиони години, од периодот на доцниот плиоцен.

Низ сите временски периоди се издвојува еден период – сегашноста.

Сегашната стапка на продолжување на денот поради климатските промени од 1,33 милисекунди на век звучи тривијално. Но, имајќи ги предвид сите вклучени сили, прераспределбата на масата е гигантска.

„Ваквата промена во должината на денот бара огромна прераспределба на маса, на ниво од 1.000 гига-тони што се движат од половите кон океаните. За да го замислиме ова, доволно е да замислиме цврста коцка мраз над Њујорк. Таа би била висока 10 километри, повисока од Монт Еверест“, изјави Бенедикт Соја, професор на ETХ Цирих.

За да ја процени енергијата вклучена во оваа промена, д-р Мостафа Кијани Шахванди, професор на Универзитетот во Виена, рекол дека „промената во ротациската енергија на Земјата е еквивалентна на земјотрес од 9 степени“. Не во смисла на разорување, туку само според силата, се наведува во извештајот.

Истражувачите откриле еден момент во геолошката историја, пред околу два милиони години, кога стапката на промени била слична на денешната. Но, тоа бил извонреден момент.

„Совршена бура од чувствителни ледени полици и природен скок на јаглерод диоксидот поттикнале масивно топење на ледената покривка на половите. Овој редок настан никогаш природно не се повторил, но човечката активност за само еден век станала еднаква на оваа планетарна сила“, рече Соја.

Тој нагласи дека практичните последици од ова се суптилни, но реални.

„Иако милисекундата изгледа кратка, овој ефект е клучен за ултра-прецизните мерења потребни за ГПС навигација на Земјата, но и за навигација во Сончевиот систем“, додаде тој.

Исто така, овие планетарни промени се одразуваат и врз екосистемот на Земјата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ