Израелската војска соопшти дека Мохамад Одех е убиен во воена операција во Газа во вторник. Роднина на командантот ја потврди неговата смрт за Ројтерс и објави дека погребот ќе се одржи во Газа по пладневната молитва. Хамас сè уште не објави официјално соопштение, но во соопштението од неговото семејство се вели дека тој е убиен заедно со неговата сопруга и син.
Здравствените служби во Газа објавија дека најмалку шест лица се убиени, а 20 се ранети во израелскиот напад во областа Римал. Спасувачките служби сè уште се на терен, пишува Ројтерс.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во вторникот изјави дека Одех бил шеф на разузнавачката служба на Хамас на денот на терористичкиот напад на милитантната група врз Израел на 7 октомври 2023 година.
Нетанјаху додаде дека Одех бил назначен пред околу една недела за наследник на Из ал-Дин ал-Хадад, врвниот воен командант на групата кој беше убиен од Израел на 15 мај.
Извори блиски до Хамас не го потврдија назначувањето, но се согласија дека тој се смета за можен наследник на Хадад бидејќи бил шеф на военото разузнавање и веројатно последниот преживеан член на високото раководство на вооруженото крило.
Неколку часа пред нападот, Израел објави и дека ги проширил копнените операции во Либан. Израел, исто така, ги засилува своите воени активности на Западниот Брег.






