Куратор на програмата е филмологот советник во Кинотеката, вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, кој на отворањето ќе има воведен збор, а извадоци од есеистичкото творештво на Анте Поповски ќе интерпретира актерката Софија Гогова Врчаковска.
Така, во среда на 3 јуни, на роденденот на поетот, во 19 ч. ќе бидат проектирани првиот македонски кандидат за „Оскар“, документарниот филм „Дае“ од 1979 г. на режисерот Столе Попов и играниот филм „Планината на гневот“ од 1968 г., на Љубиша Георгиевски, обата работени по сценарија на Анте Поповски.
Во четврток, на 4 јуни во 19 ч. ќе бидат прикажани кусометражните документарни филмови „Кој век минува надвор деца“ (1975) на Љубиша Георгиевски, „Џафра“ (1978) на Кирил Ценевски и „Врати на бескрајот“ (1982) на Владимир Блажевски, сите по сценарија на Анте Поповски.
Во петок, на 5 јуни, во 20.30 ч. во летното кино на Кинотеката, на отворено, ќе бидат прикажани долгометражните играни филмови „Време, води“ (1980) на Бранко Гапо и „Црвениот коњ“ (1981) на Столе Попов, во кои Анте Поповски се јавува како продуцент односно тогашен директор на продуцентската куќа „Вардар филм“.
Филмскиот омаж завршува во сабота, на 6 јуни во 19 ч., со поекција на портретите на венцоносците на поетскиот фестивал „Струшки вечери на поезијата“ – „Рафаел Алберти“ (1979) и „Ежен Гилвик“ (1979), како и документарниот филм „Мостови – Струшки вечери на поезијата“ (1982), сите три во режија на Кирил Ценевски, а по сценарија на Анте Поповски.






