среда, 27 мај 2026

Не сте само уморни: Како вашиот организам всушност ве предупредува на дехидрација

Лекарите предупредуваат дека многу луѓе за време на топлотните бранови не ги препознаваат раните знаци на дехидрација, кои можат да се појават дури и пред да почувствуваат жед.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Д-р Џејмс Морен, спортски нутриционист во компанија која произведува пијалаци со електролити, открива за Дејли експрес на кои скриени симптоми треба да се внимава.

Д-р Морен истакнува дека чувството на жед е „задоцнет сигнал“.

„Во моментот кога ќе почувствувате жед, веќе ги доживувате првите ефекти од дехидрација. Затоа е важно редовно да пиете течности во текот на денот, наместо да чекате вашиот организам да ве потсети да го направите тоа“, објасни тој.

Еден од знаците на предупредување се и благи главоболки и таканаречена „мозочна магла“.

„Знаците на дехидрација не се секогаш очигледни, тие можат да се појават како главоболки или тешкотии со концентрацијата. Луѓето често ги мешаат со замор или исцрпеност од гледање во екран, но ако почувствувате нешто од ова за време на жештините, тоа може да биде ран знак дека на вашиот организам му се потребни повеќе течности“, додаде тој.

Луѓето кои се дехидрирани, исто така, може да доживеат зголемена желба за слатки или солени грицки.

„Кога нивото на течности во организмот се намалува, тоа може да доведе до замор, организмот може да го протолкува тоа чувство како глад“, објаснува д-р Морен.

Друг често занемарен сигнал е лошиот здив.

„Кога не пиете доволно течности, организмот произведува помалку плунка, која игра клучна улога во исфрлањето на бактериите од устата. Како што се собираат бактериите, може да се појави лош здив. Затоа, одржувањето на добра хидрираност може да помогне во одржувањето на подобро орално здравје, како и на општата хидрираност на организмот“, рече тој.

Како да останете хидрирани?

Д-р Морен препорачува неколку трикови за одржување на хидратацијата, а еден од нив е да ја преиспитате навиката за пиење на утринското кафе.

„Кофеинот има благ диуретски ефект, замената на утринското кафе со пијалак со електролити со ниска содржина на шеќер ќе донесе многу повеќе придобивки. Истото важи и за зашеќерените пијалаци и алкохолот во текот на денот“, советува тој.

Морен, исто така, препорача да се испијат околу два литри вода пред пладне, кога жештината го достигнува својот врв. Започнувањето и завршувањето на денот со полна чаша вода може да помогне во надополнувањето на течностите изгубени преку потење во текот на ноќта.

Понекогаш само водата не е доволна за целосно рехидрирање. Со потењето од организмот не се губи само вода, туку и електролити, кои исто така треба да се надоместат за да се остане хидриран и да се избегне чувството на замор.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ