Од партијата тврдат дека, според информации од Обвинителството, предметот стои во место поради непостапување на МВР во предистрага која трае веќе две години, и покрај испратени ургенции од обвинителството.
Во соопштението се наведува дека во меѓувреме била променета сопственичката структура во фирмата за надзор „Електра Солушнс“, при што нов сопственик станал Бојан Савески, кого Левица го посочува како кадар на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен соработник на Коце Трајановски.
Според Левица, ВМРО-ДПМНЕ, која претходно го критикувала договорот со „Бехтел и Енка“, сега станала „директен учесник во шемата“. Од партијата посочуваат дека „Електра Солушнс“, фирма која, како што наведуваат, била позната како компанија за долен веш, подоцна добила околу осум милиони евра од надзорот над коридорите.
Во соопштението се споменуваат и високи суми за ангажирани експерти преку оваа фирма, при што се тврди дека надзорни инженери земале по 20.000 евра месечно, а преговарачи и до 300.000 евра.
Левица обвинува дека ветувањата за одговорност за случајот со „Бехтел и Енка“ биле „предизборна лага“ и оценува дека актуелната власт не само што не го гони, туку и го штити, како што велат, „историскиот криминал“.






