„Полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во координација со Одделот за криминалистичка полиција при МВР денеска го лишија од слобода Д.Ф.(57) од Куманово и до Основното јавно обвинителство Куманово е поднесена кривична пријава против него, за сторено кривично дело Поттикнување на кривично дело убиство по чл.123 став 3 а в.в со член 23 од Кривичниот законик“, информира МВР.
Од Министерството велат дека во периодот од април до август 2021 година, Д.Ф., во врска со сообраќајна незгода која се случила во 2020 година, поттикнувал лица за парична награда да извршат убиство над неколку лица.
„Исто така, во наведениот период пријавениот во повеќе наврати на лицата кои ги поттикнувал да го извршат кривичното дело ‘убиство’ им се заканувал со огнено оружје со цел да го извршат кривичното дело“, се вели во соопштението на МВР и се додава дека Д.Ф. во текот на денот ќе биде изведен пред Судија на претходна постапка.
Претходно од МВР беше лиферувана информација дека ќерката на уапсеното лице загинала минатата година во сообраќајна несреќа.






