сабота, 23 мај 2026

Невреме го зафати Скопје и уште четири града, ветер кршеше дрвја, улици под вода

Силно невреме проследено со пороен дожд, засилен ветер, грмежи и локална појава на град попладнево погоди повеќе делови од Македонија, при што најсериозна беше состојбата во Скопје, каде што беа регистрирани паднати дрвја, поплавени улици и сообраќаен хаос.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Според информациите од Центарот за управување со кризи, силните налети на ветер во главниот град предизвикале штети во повеќе населби, особено во општините Аеродром, Карпош и Кисела Вода, каде што дрвја биле откорнати или искршени.

Поројниот дожд за кратко време поплави дел од критичните сообраќајници и подвозници, што доведе до сериозни застои во сообраќајот низ градот.

Екипи на ЈП „Паркови и зеленило“ излегоа на терен за расчистување на паднатите гранки и отстранување на последиците од невремето.

Нестабилното време не го зафати само Скопје.

Според Управата за хидрометеоролошки работи, силна атмосферска нестабилност попладнево била регистрирана и во Велес, Пробиштип, Свети Николе и Валандово, каде што имаше интензивни врнежи, силен ветер и електрични празнења.

Од Автомото сојузот на Македонија апелираат возачите да бидат особено внимателни, да ја намалат брзината и да го приспособат возењето на условите на патиштата, поради влажни коловози и намалена видливост.

Метеоролозите најавуваат дека нестабилното време ќе продолжи и во вечерните часови, со можност за нови локални поројни врнежи, грмежи и засилен ветер во повеќе делови од земјата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ