„Сега постои нов тип манипулација. Од некоја причина сите треба да го чекаат 8 мај и дури тогаш да се воведе прекин на огнот за Путин да има мир за време на парадата. Ние ги цениме човечките животи, а не парадите. Веруваме дека и светот смета дека нема причина да се чека 8 мај. Прекинот на огнот треба да биде воспоставен веднаш и да не трае само неколку дена за потоа повторно да продолжи убивањето“, порача Зеленски.
Украинските власти порачаа и дека Русија и претходно најави такво примирје за време на Велигден, но дека потоа го прекршила.
Путин предложи прекин на огнот во мај за да се одбележи 80-годишнината од победата на Советскиот Сојуз во Втората светска војна, истакнувајќи дека Киев треба да го следи примерот на Москва. Ако двете страни се придржуваат до примирјето, тоа би бил прв целосен прекин на огнот од почетокот на конфликтот во Украина пред повеќе од три години.
До тогаш, борбите продолжуваат, а низа експлозии одекнале во Киев денес во утринските часови, откако украинската авијација издала предупредување за воздушен напад на престолнината. Украинската војска соопшти дека системите за противвоздушна одбрана се обидуваат да го одбијат нападот.