„Никогаш повеќе во Србија никој нема да биде небезбеден. Им благодарам на европските сестрински служби кои многу ни помогнаа да дојдеме до тоа“, кажа Вучиќ за телевизијата Пинк.
На прашањето дали истрагата ќе биде проширена на државните службеници кои се поврзани со криминалниот клан и кои го штителе, Вучиќ одговори дека „во тоа нема сомнеж“.
„Истрагата е во тек, тоа никој не може да го сопре, ќе се оди до крај, никој нема да биде заштитен“, кажа Вучиќ.
Тој кажа дека проблемите со криминалната група на уапсениот Беливук почнале по „убиството на шините“ на 30 јануари 2017 година, кога во центарот на Белград беше убиен спортистот Властимир Милошевиќ.
Вучиќ наведе дека поради тоа злосторство биле уапсени Вељко Беливук како извршител и Мирко Миљковиќ како помагач, кои некое време минале во истражен затвор, по што биле пуштени на слобода затоа што ДНК доказите од лице место биле „контаминирани“.
Српскиот претседател наведе дека од 2018 година почнува растот на убиствата во Србија, и дека тоа е резултат на проблемите кои се „увезени во Србија од Црна Гора, како судир на два клана шкаљарскиот и кавачкиот“.
Тој кажа дека потоа во 2019 имало шест мафијашки убиства, а по обидот за убиство на шефот на кавачкиот клан, државјанинот на Црна Гора Радоје Зицер во Киев, „имаме крвава низа настани и целосна лудница во која исчезнуваат луѓе. Почнуваат сите да зборуваат за тоа бидејќи тие болни луѓе се фалат со снимките и им ги испраќаат на сите“, кажа Вучиќ и додаде дека во 2020 година имало пет мафијашки убиства.
Наведе дека потоа делови од криминалната група и делови од полицијата почнале да ги следат него, неговиот брат и постариот син за да се „опаметат“.
„Мојата порака до нив е дека нема да се опаметам. Во оваа година имаме нула мафијашки убиства. Имаме вкупно 38 убиства, но ниеден обид за мафијашко убиство во земјата. Гледате дека може“, заклучи Вучиќ.






