среда, 22 април 2026

Политико: Маѓар сака да го врати Австроунгарското Царство на европската мапа

Идниот премиер на Унгарија, Петер Маѓар, сака да го оживее влијанието на Централна Европа, користејќи го нејзиното империјално минато, пишува Политико, додавајќи дека Маѓар најавил дека ќе ги продлабочи врските со соседните земји, особено со Австрија, градејќи ги овие односи врз силни економски врски и заедничка историја вкоренета во Австроунгарското Царство.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

„Порано бевме во иста држава, Австрија е клучен економски партнер на Унгарија. Би сакал да ги зајакнам односите меѓу Унгарија и Австрија од историски, но и културни и економски причини“, рече Маѓар откако го победи Виктор Орбан на парламентарните избори одржани овој месец.

Маѓар го победи Орбан ветувајќи, меѓу другото, дека ќе ги ресетира односите со Европската Унија, но тој предвидува тоа да го стори во рамките на зајакнат блок на средноевропски земји предводени од десничарски лидери, истомисленици со кои споделува културни ставови, економски интереси и конзервативни разбирања за многу прашања – од миграција до енергетска политика.

Со важен исклучок на Полска, овие земји позиционирани помеѓу Западна Европа и Русија традиционално покажуваат поголема подготвеност да одржуваат деловни врски со Москва, истакнува Политко.

Новиот унгарски премиер веќе јавно изјави дека гледа зајакнат средноевропски блок. На прес-конференција порано овој месец, тој предложи спојување на Вишеградската група (неформален сојуз составен од Унгарија, Полска, Чешка и Словачка) и Славков формат (иницијатива за соработка во која учествуваат Австрија, Чешка и Словачка).

„Верувам дека ова е во интерес на секоја земја, вклучувајќи ги Австрија и Унгарија. Затоа се надевам дека можеме да постигнеме напредок во овој поглед“, изјави Маѓар.

Како прв сигнал кон исполнување на оваа цел, тој најави дека неговите први патувања во странство ќе бидат во Варшава и Виена.

Иако ја гледа Австрија како „природен сојузник“, Маѓар може многу да научи од полскиот премиер Доналд Туск и неговите напори за враќање на либералната демократија по години популистичко владеење.

Ова вклучува ослободување на големи суми пари што ЕУ ги „замрзнала“ поради загриженост за владеењето на правото во тие земји. Политико пишува дека еден од приоритетите на Маѓар е да обезбеди одмрзнување на 18 милијарди евра европски фондови, како и да овозможи пристап до 16 милијарди евра европски кредити за одбрана, но и да ја укине казната од еден милион евра дневно за одбивањето на Унгарија да ги почитува европските закони за миграција.

„Посетата на Варшава има врска со споделување искуства во врска со транзицијата кон либерална демократија. Посетата на Виена има повеќе врска со европската политика и фактот дека е потребно да развиеме сопствени предлози во рамките на овој регион“, рече Емил Брикс, поранешен австриски дипломат и историчар кој го проучува распадот на Австроунгарското царство.

Висок австриски дипломат, кој сакаше да остане анонимен, за Политико изјави дека постои вродена логика во зајакнувањето на соработката меѓу средноевропските држави по примерот на моделот на Бенелукс.

„Ние сме земји со приближно иста големина со многу заеднички интереси и заедно можеме да бидеме порелевантни во однос на гласачкиот капацитет“, рече дипломатот.

Унгарија и Австрија врзани со папочна врвца

За конзервативната влада на Австрија, продлабочувањето на врските со Унгарија долго време е стратешка амбиција, пишува Политико.

На почетокот на 2000-тите, во пресрет на пристапувањето на неколку поранешни комунистички држави во ЕУ, австриските лидери предложија обновување на сојузот со Централна Европа. Предлогот не успеа поради стравувањата во Полска и Словенија дека Австрија всушност бара начин да ја врати својата хегемонија 80 години по падот на Царството.

Сега, посигурната и просперитетна Унгарија предлага поблаг сојуз. Полска, чија економска и воена моќ постојано расте, исто така, повеќе не се чувствува загрозена од таков предлог. Австриските конзервативци, исто така, гледаат можност во заминувањето на Орбан.

„Со Орбан соработувавме во деведесеттите и секогаш велам дека младиот Орбан сигурно би бил еден од најголемите критичари на постариот Орбан. И покрај сите проблеми со кои се соочивме, успеавме да соработуваме во некои работи, но со текот на годините тоа стануваше сè потешко, а на крајот и невозможно“, рече Рејнолд Лопатка, пратеник од владејачката конзервативна Австриска народна партија.

Унгарскиот и австрискиот канцелар Кристијан Штокер почнаа да ги поставуваат темелите за нови односи меѓу нивните земји на Минхенската безбедносна конференција, која се одржа кон средината на февруари, два месеци пред изборите во Унгарија, пишува Политико, повикувајќи се на два извори кои присуствувале на состанокот. Тие разговараа за првата посета на Маѓар на Виена и како да се подобрат условите под кои австриските компании работат во Унгарија, изјави висок австриски владин претставник.

Се очекува Маѓар да презентира заеднички став за миграцијата во Виена и да разговара за судбината на Централноевропскиот универзитет, кој се пресели од Будимпешта во Виена во 2019 година по кампањата на Орбан против институцијата.

Кога станува збор за економијата, двете земји се веќе врзани како папочна врвца, пишува Политико. Австрија, по Германија, е втор најголем инвеститор во Унгарија со инвестиции што надминуваат 11,7 милијарди евра. Околу 134.000 Унгарци работат во Австрија, а многу од нив секојдневно патуваат таму на работа.

Украина – камен на сопнување

Политико истакнува дека и покрај сè, клучните разлики остануваат меѓу државите од Централна Европа, што би можело да ги комплицира напорите за постигнување поблизок сојуз. Една од тие разлики е – Украина.

Австрија и Полска активно ја поддржуваат европската помош за земјата разорена од војна. Од друга страна, се очекува Унгарија под нејзиното ново раководство да не ја попречува помошта како што направи Орбан, туку да им се придружи на Чешка и Словачка, кои ја повлекоа својата поддршка за европскиот пакет помош од 90 милијарди евра за Украина. Овие земји имаат различни ставови и по прашањето за пристапување на Украина во Европската Унија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ