За прв пат научниците со подводни камери снимиле младенчиња од грбав кит како се хранат. Снимките се направени во морето Квандамука во Австралија и покажуваат колку таа област е важна како место за доење и одмор на овие китови.
Тимот го истражувал влијанието на бродските рути врз грбавите китови во областа Квандамука (заливот Моретон). Оваа област е позната како важно место за одмор на китовите и клучна зона „јасли“. Теренските истражувања покажале дека во заливот Моретон постојано се бележи голем број мајки со младенчиња, како и поединечни китови и парови мајка-младенче кои меѓусебно се дружат.
За подетално да проучат што се случува, истражувачите поставиле камери со носачи со вакум на грбот на китовите и забележале нешто неверојатно.
„Колку што ни е познато, ова е првиот документиран пример на користење камери на младенчиња од грбав кит во Австралија, како и еден од ретките збирки податоци во светот што комбинира видео, прецизни податоци за движење и акустични податоци за младенчиња од грбав кит“, изјави истражувачката од Универзитетот Грифит и докторантката Стефани Стек.
Таа додаде дека „во текот на двете сезони успешно поставивме 13 КАТС камери, при што приближно половина од снимките забележале однесување на мајките и младенчињата за време на доењето.
„Вкупно сега имаме 35 часа и 37 минути детални податоци за движење, звук и видео, фокусирани на младенчињата грбави китови.“
Овие наоди директно се поврзани со можниот план на државните власти за преуредување на зоните во заливот Моретон, што би можело да влијае врз местата каде што китовите одмараат и се хранат.
„Нашето сè поголемо разбирање на клучната улога што овој залив ја има во животниот циклус на китовите бара сеопфатна процена на неговата вистинска еколошка, општествена и културна вредност, за тие вредности да не бидат нарушени или изгубени поради краткорочна финансиска добивка“, изјави професорката Сузан Бенгтсон Неш, исто така од Универзитетот Грифит.
Таа додаде дека во текот на двете години имало високо ниво на сообраќај на рекреативни бродови низ целиот залив, вклучувајќи ги и областите каде што китовите се одмарале на површината или во плитки води, често директно на пловните рути.
„Исто така, документиравме повеќе китови со лузни од пропелерите, што укажува на потребата од поголема грижа и претпазливост од страна на сопствениците на чамци за време на сезоната на миграција“, забележа таа.






