Нафтоводот Дружба беше оштетен во конфликтите во Украина, а испораките на руска нафта во Словачка и Унгарија беа прекинати на крајот на јануари.
Унгарскиот премиер во заминување, Виктор Орбан, и словачката влада ја обвинија Украина за одложување на поправките. Словачкото Министерство за економија во февруари забележа дека операторот на словачките нафтоводи „Транспетрол“ постојано добивал известувања од својот украински партнер за одложување на нормализацијата на испораките на руска нафта.
Во меѓувреме, Будимпешта и Братислава одобрија „заем“ од 250.000 тони нафта од стратешките резерви за МОЛ и словачката рафинерија Словнафт за да се надмине периодот на прекини во снабдувањето. МОЛ е сопственик на Словнафт.
Киев ја поврзува нормализацијата со одмрзнување на кредитите
Во меѓувреме, Унгарија и ЕУ најавија инспекција што требаше да ја утврди состојбата на нафтоводот, но Киев ја поврза нормализацијата на испораките со одмрзнувањето на 90 милијарди евра европски кредити од страна на Унгарија.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан беше поразен на парламентарните избори на 12 април, а лидерот на победничката партија Тиса, Петер Маѓар, сигнализираше дека е подготвен да се откаже од блокадата на кредитите за Украина, повикувајќи го украинскиот претседател Володимир Зеленски да го отвори нафтоводот штом ќе завршат поправките.
Денеска, МОЛ објави дека добил официјално известување дека поправките на нафтоводот се завршени.
„Компанијата Укртранснафта одговорна за управување со украинскиот дел од нафтоводот Дружба, официјално го извести МОЛ дека поправките на нафтоводот Дружба се завршени“, се вели во соопштението на унгарската енергетска компанија.
„Според известувањето, Укртранснафта е подготвена да ги продолжи испораките на нафта во Унгарија и Словачка“, соопшти унгарската компанија.






