Декларацијата беше усвоена за време на министерскиот состанок што го свика домаќинот Грција на маргините на Економскиот форум, што се одржува во Делфи, а во пресрет на грчкото претседателство со Унијата во втората половина на 2027 година.
По затворениот состанок, министрите и заменик-министрите учествуваа на панел-дискусија посветена токму на проширувањето на Унијата со земјите од Западен Балкан.
Главната порака на учесниците беше дека регионот премногу чека на патот кон Брисел, дека ЕУ треба да го задржи својот кредибилитет и да ги исполни ветувањата, дека не смее да постои црна дупка во срцето на Европа. Шефот на грчката дипломатија истакна дека ова е „најдолгото неисполнето ветување во историјата“, а за декларацијата од Делфи рече дека целта е да се ревитализира процесот.
Герапетритис се осврна на Солунската агенда пред 23 години за време на претходното претседателство на Грција со ЕУ и рече дека Европа не даде јасна визија за проширувањето на Западен Балкан и затоа „сметаме дека ова е одлично време и место за ревалитизација на Солунската агенда“, со присуството на претставници на сите шест земји од регионот, но и посочи дека намерата на декларацијата е од патоказ да се премине кон временска рамка.
Откри дека за време на грчкото претседателство ќе има нови земји членки на Унијата, но и дека во следните месеци има намера да ги посети сите главни градови на земјите од Западен Балкан нагласувајќи дека „не можеме да ја замислиме Европа без Западен Балкан и тоа е прашање на кредибилитет“, бидејќи постои ветување што не е исполнето.
Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Македонија, Зоран Димитровски на панел-дискусијата истакна дека е многу важна поддршката на Грција, но и позитивно го коментира она што го соопшти Герапетритис дека ќе има прием на нови членки, изразувајќи надеж дека тоа ќе бидат земји од Западен Балкан.
Говорејќи конкретно за нашата земја, потсети дека веќе долго чекаме за почеток на преговорите, иако во минатото неколкупати го променивме Уставот, сменивме име, сменивме знаме.
Посочи дека со оглед на тоа што Црна Гора и Албанија имаат напредок, „многу е важно другите четири земји да не останат црна дупка во срцето на Европа“
За односите со Бугарија, изрази подготвеност и надеж за дијалог со новата влада во Софија, но и дека нема да постојат нови блокади.






