Средбата се одржува во неделата во која се одбележува 25-годишнината од Воениот комитет на ЕУ, но прославите се во сенка на војната во Украина и нестабилноста на Блискиот Исток, јави Јуроњуз.
Воениот комитет на ЕУ е основан пред 25 години како одговор на конфликтите на Балканот во 1990-тите. Сепак, како што изјави претседателот на комитетот, генерал Шон Кленси, за Јуроњуз, сегашното расположение е такво што ова е „време за размислување, а не за славење“. Тој се осврна на брзата еволуција на европската безбедносна и одбранбена стратегија во последните години, поттикната од нови конфликти.
Генералот Кленси нагласи дека Украина останува „приоритет број еден“ за Европската Унија. Неговата изјава доаѓа откако Русија започна нов бран напади врз Украина преку ноќ, наводно користејќи стотици беспилотни летала и десетици ракети.
„Извонредната отпорност на украинските вооружени сили и украинскиот народ ја трансформираше Украина во нација-тврдина“, рече Кленси, додавајќи дека безбедноста на земјата сега е „интегрален дел за идната безбедност на Европа“.
Кленси ја отфрли идејата дека ЕУ треба да стане „воена сила“ споредлива со НАТО, но нагласи дека Унијата има клучна улога преку својата економска моќ, координација на одбраната и прекуокеанските мисии.
Тој ја наведе Мисијата на ЕУ за воена помош за Украина како пример, која досега обучила повеќе од 93.000 украински војници. „Ќе продолжиме неуморно“, рече генералот, нагласувајќи дека сите 27 земји-членки остануваат посветени на помагање во обликувањето на иднината на вооружените сили на Украина.






