четврток, 26 март 2026

Во Молдавија спроведени стотици рации поради наводни обиди за дестабилизација на земјата поддржани од Русија

Молдавските власти денес спроведоа стотици рации поради наводни обиди за дестабилизација на земјата кои се поддржани од Русија, соопшти полицијата.

Илустрација: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Рациите се спроведени пред парламентарните избори на кои молдавските власти веруваат дека Кремљ се обидува да влијае.

Влоговите се високи на изборите закажани на 28 септември. Исходот би можел да има далекусежни последици за кандидатурата на Молдавија за членство во Европската унија (ЕУ), процес за кој се вели дека Москва се обидува да го спречи преку тактики како што се дезинформации, организација на масовни немири и купување гласови, објави Ројтерс.

Полицијата соопшти дека истражителите, заедно со безбедносните сили, спровеле 250 претреси на повеќе од 100 лица, но не прецизираа никаква политичка припадност.

„Претресите се поврзани со кривичното дело подготовка на масовни немири и дестабилизација, кои се координирани од Руската Федерација преку криминални елементи“, се вели во соопштението на полицијата.

Копретседателот на прорускиот Патриотски блок на Молдавија, за кој се очекува да претставува сериозен предизвик за владејачката проевропска Партија за акција и солидарност (ПАС), рече дека некои членови биле цел на рациите.

„Криминалниот режим на ПАС се обидува да нè заплаши, да го исплаши народот и да го замолчи“, рече Игор Додон, поранешниот претседател на земјата, на Телеграм.

Молдавската претседателка Маја Санду, која ги опиша претстојните избори како најзначајни во историјата на Молдавија, предупреди дека Москва сака да влијае на резултатите за да го задржи Кишињев во својата орбита.

Минатиот месец, одбегнатиот тајкун Илан Шор, кој е санкциониран од САД и ЕУ како наводен руски агент, отворено им понуди на Молдавците месечни исплати од 3.000 долари за да се приклучат на антивладините протести.

Русија негира дека се меша во внатрешните работи на Молдавија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ