Индија започна со бесплатна вакцинација по критиките дека хаотичното спроведување на имунизацијата довело до недостиг на вакцини и до смртоносен втор бран што предизвика смрт на стотици илјади луѓе во април и мај.
На почетокот на овој месец, Моди ја смени политиката според која државите сами купувале вакцини од производители и заедно со приватните болници вакцинирале лица на возраст од 18 до 45 години.
И бидејќи многу центри се затворале за младите поради недостаток на вакцини за постарите, повеќето се свртеле кон приватните болници кои наплаќале од 9 до 24 долари по доза.
Почетокот на бесплатната вакцинација се совпадна со Меѓународниот ден на јогата, а Моди, во говорот утрото на Индијците им ја нагласи важноста на таа дисциплина како извор на „внатрешна сила“.
„Кога разговарам со борците на првата линија, тие ми кажуваат дека почнале да вежбаат јога како штит во борбата против коронавирусот. Лекарите со јогата се зајакнаа, а ја користат и со своите пациенти“, рече индискиот премиер.
Иако парковите и градините каде жителите сакаат да вежбаат јога во понеделникот во Њу Делхи се отворени, настаните по повод Меѓународниот ден на јогата се малубројни втора година по ред поради пандемијата.
Обединетите нации го воведоа тој ден во 2014 година, на предлог на самиот Моди, и тој се слави низ целиот свет на летната долгоденица, најдолгиот ден во годината на северната хемисфера.
Од почетокот на пандемијата, индиската влада ги потенцира придобивките од оваа древна индиска дисциплина, како и билни препарати чија продажба скокна.
Индиските лекари минатиот месец протестираа против Баба Рамдев, гуру близок до владата на Моди, кој тврди дека јогата и билни лекови можат да ги излечат заразените со ковид-19.
Во Индија, само 4 проценти од населението е целосно вакцинирано.






