Дебатата дополнително се засилува околу балансот меѓу економскиот развој, енергетската потрошувачка и заштитата на животната средина, при што државата се наоѓа меѓу амбициите за технолошки раст и барањата за одржливост.
Членовите на собраниската Комисија за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање на Собранието, на 61 седница на 11 јуни ги разгледаа предлог законите за дополнување на Законот за електронските комуникации, за изменување на Законот за урбанистичко планирање и за дополнување на Законот за градење сите по скратена постапка.
Пратеникот Емил Спасовски предложи законот да почне да се применува од 1. јануари 2027 година, амандман што беше прифатен од пратениците.
Заменик-министерот за дигитална трансформација, Радослав Настасијевиќ Варџиски рече дека министерството ги поддржува предлог-измените.
„Ова е уште еден пример како законодавната и извршната власт делуваат комплементарно во делот на реализација на чекорите и реформските процеси кои се дел од реформската агенда на државата. Со овие измени се затвора уште еден чекор од реформската агенда кој е влезен во грејс период до јуни 2026 година“, рече Варџиски.
Измените на овој предлог-закон како и оној за градење, матичната комисија ги проследи на натамошна постапка во Собранието.
Институциите меѓу усогласување со ЕУ и отворање на патот за дата-центри
Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски претходно ги најави овие измени како дел од стратегијата за привлекување странски инвестиции во високотехнолошкиот сектор.
„Со законски измени стимулираме изградба на дата-центри во Македонија. Со развојот на вештачката интелигенција и целосната револуција што му се случува на светот во насока на вештачка интелигенција, Дата центрите стануваат нивна неопходност и поддршка. Македонија тука треба да води паметна политика и да привлече инвеститори кои ќе инвестираат во големи дата-центри. И затоа во завршна фаза се измените на Законот за урбанистичко планирање и Законот за градење со кои што овозможуваме изградба на дата-центри во Македонија што ќе значи нови инвестиции, нови работни места и раст на БДП“, рече во најавата за измени на законите, Николоски.
Од друга страна, министерот за дигитална трансформација Андоновски посочува дека процесот сè уште е во развојна фаза. Тој наведува дека веќе има интерес од десетина меѓународни компании, а со две од нив, преговорите се влезени во понапредна фаза Тој појасни дека дел од решенијата се однесуваат на олеснување на урбанистичките процедури и користење на ТИРЗ-зоните.
„Тоа не се познатите брендови како Гугл или Мајкрософт, Амазон, туку станува збор за инвестициски фондови кои инвестираат во изградбата, а потоа ги рентаат на големите компании. Некој од нив може да гради за Енвидија, а некој за Гугл. Со некои од нив имаме потпишано меморандуми за соработка и затоа размислуваме за промена во законската регулатива која не се однесува на намалување на условите за градба, туку како да олесниме инфраструктура наменета за дата центри. Дискусијата оди во две насоки: едната е како да искористиме простор во ТИРЗ-овите, бидејќи сега таму не е дозволено изградба на дата центри затоа што тие подразбираат продажба на услуги, а не на стока, за што се наменети развојните зони. Втората насока е како да се олеснат процедурите за зонирање, за планирање за инвестиција, за промена на урбанистички планови. Но сето тоа е во фаза на размислување. Готов текст што би бил во владина процедура немаме“, изјави министерот Стефан Андоновски за „Слободен печат“.
Освен привлекување на странски компании и странски дата центри, според Андоновски, во завршна фаза е физибилити студија за изградба на државен дата центар кој би се градел или самостојно од страна на државата или пак врз база на јавно приватно партнерство. Министерот вели дека инвестиција на дата-центар со силина од 15 мегавати е стотина милиони евра што значи околу 300 вработени ќе бидат вклучени во процесот на градење и околу 80-тина во процесот на операционализација на центрите. Од нив добар дел се високо образовани кадри кои веќе ги имаме во големите фабрики, а огромен број ИТ инженери веќе работат за странски компании што значи добро ќе се снајдат и во овој бизнис.
Економски потенцијал наспроти еколошки ризици
Најавите за дата-центри предизвикаа силна реакција од граѓанскиот сектор, особено од иницијативата Зелен хуман град (ЗХГ), која остро се спротивстави на идејата. Од таму предупредуваат дека ваквите објекти можат да имаат сериозни последици по животната средина и локалните заедници.
„Министерот Николоски, случајно или не, не спомена дека дата-центрите кои се потребни за работа на вештачката интелигенција се едни од најразорните ‘инвестиции’ со катастрофални последици во однос на животната средина и локалното население каде се наоѓаат. Дата центрите трошат енормни количини електрична енергија при што најновите центри можат да користат енергија колку десетици илјади домаќинства, а најголемите објекти што се градат денес се очекува да трошат и до дваесет пати повеќе, а досегашната пракса со нивното работење покажала дека ова дополнително трошење на електрична енергија не го плаќаат ‘инвеститорите’ туку се распределува на локалното население“, предупредуваат од ЗХГ.
Според ЗХГ, покрај огромната потрошувачка на струја, дата-центрите користат и енормни количини вода за ладење на серверите, при што некои големи објекти трошат вода колку еден помал град, придонесуваат и за дополнително загадување на воздухот (нешто во што сме први во Европа по смртни случаи на глава на жител) и испуштаат штетни честички и гасови поврзани со респираторни и срцеви заболувања.
„Иако дата-центрите при изградбата бараат значителен број работници, по пуштањето во употреба тие вработуваат едвај 30 до 50 луѓе (главно за обезбедување, техничко одржување и систем-администратори), а најголемиот дел од заработката завршува кај странските технолошки компании, додека за државата остануваат трошоците за ресурсите и евтиното отстапување на земјиштето, што претставува типичен пример за економски екстрактивизам. Нема попогоден модел за големите држави и технолошки гиганти од тоа најштетните и највалканите индустрии да ги префрлаат во сиромашни и периферни држави, како Македонија каде што, евидентно е дека регулативите за заштита на животната средина постојат само формално (а и тие оваа Влада ги забрзано ги намалува), а институциите се слаби и подложни на корупција. Затоа дата-центри во Македонија не смее да има“, категорични се од ЗХГ.

Фото: О2 Иницијатива
Осврнувајќи се на забелешките, Андоновски уверува дека за да не се доведе Македонија во ситуација како во САД, каде се отворија големи дата центри во градска средина, кај нас тие би се позиционирале надвор од урбани средини за да нема бучавост и загадување на животната средина.
Што се однесува до забелешките дали Македонија ќе има доволно електрична енергија, Андоновски вели дека дата-центрите струјата можат да ја црпат од комбинирани извори на енергија. Слични комбинирани решенија министерот изложи и за проблемот со ладење.
Дата-центри се специјализирани објекти каде се сместуваат голем број компјутерски сервери и ИТ опрема што обработуваат, складираат и дистрибуираат податоци.
Во нив се наоѓаат сервери (моќни компјутери кои обработуваат податоци), системи за ладење (затоа што работат на висока моќност и се загреваат), електрично напојување (често со резервни генератори) и интернет и мрежна опрема (за брза поврзаност). Дата-центрите се важни зато што овозможуваат брз интернет и дигитални услуги, складираат огромни количини податоци и се клучни за вештачка интелигенција, клауд услуги и дигиталната администрација.
И.О.






