сабота, 13 јуни 2026

Еден уапсен од шест пријавени за семејно насилство во последното деноноќие

Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека во последното деноноќие едно лице е лишено од слобода од вкупно шест пријави за семејно насилство.

Објавено на

часот

Сподели

Во Тетово, полициски службеници од Одделението за криминалистичка полиција при СВР Тетово го лишиле од слобода Б.А. од Тетово, постапувајќи по претходна пријава од неговата поранешна 40-годишна партнерка од тетовско, дека од април 2026 година, по прекинувањето на нивната врска, континуирано ја следел низ градското подрачје и телефонски ја вознемирувал од различни броеви, а откако одбила да ја продолжи врската, ѝ упатувал и закани кон неа и нејзиното семејство.

Во СВР Скопје, 28-годишна жена од Скопје пријавила дека на подрачјето на Центар нејзината 56-годишна свекрва С.О. го оштетила нивното возило „пежо боксер“ и со употреба на физичка сила ја извадила од возилото и ја турнала на земја, при што се здобила со тешка телесна повреда, констатирана во ЈЗУ „Св. Наум Охридски“ во Скопје.

Во СВР Скопје, полициски службеници извршиле службен разговор со Ѓ.А.К. и А.А.Р., постапувајќи по претходна пријава дека во семејниот дом на подрачјето на Бит Пазар во Скопје физички ја нападнале нивната 16-годишна ќерка и внука. Според пријавеното, таа и претходно била физички и психички малтретирана од нејзината мајка Ѓ.А.К., но досега не било пријавувано.

Во СВР Скопје, 37-годишник од Скопје пријавил дека пред неговиот стан на подрачјето на Бит Пазар неговата тетка А.Н. му упатувала закани и се обидела насилно да влезе во станот, по што истурила боја пред влезната врата. Според пријавеното, таа и претходно доаѓала пред неговиот дом. За настанот е известен јавен обвинител.

Во СВР Скопје, 34-годишна жена од скопско пријавила дека во скопско село била физички нападната од нејзиниот сопруг С.Ш., со кого не живеат подолг временски период.

Во СВР Скопје, 71-годишен маж пријавил дека на подрачјето на Кисела Вода, поради претходно нерасчистени имотно-правни односи, бил физички нападнат од неговиот внук С.О.

Се преземаат мерки за расчистување на случаите и по нивно целосно документирање, против сторителите ќе бидат поднесени соодветни пријави.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ