Во разговор со граѓаните, полициските службеници укажуваа на потребата од максимална грижа за шумскиот фонд, односно да не се палат стрништа, да не се предизвикуваат пожари на отворен простор, како и за начинот на пријавување пожари и мерките за нивна превенција и заштита.
Од СВР Штип соопштија дека целта на активноста е подигнување на свеста кај граѓаните за совесно и одговорно однесување во шумите, при што беа поделени и едукативни летоци.

Паралелно со превентивните активности, пожарникарите-волонтери од Доброволното противпожарно друштво (ДПД) Штип, кое функционира веќе втора година, најавуваат нова донација од САД.
Командирот на ДПД Штип, Димитар Ташков, изјави дека донацијата е обезбедена преку приватна линија и се состои од заштитна опрема.
„Очекуваме да пристигне наредната недела. Веќе е на царина. Станува збор за контејнер со опрема, од кој треба да добиеме од 60 до 80 униформи со боци, шлемови и чизми за оган“, изјави Ташков.
Тој додаде дека доброволците во изминатиот период активно учествувале во гаснењето на пожари над населбата Кадидаре и во викенд-населбата Кумлак, каде што заради непристапниот терен биле користени нивните теренски возила за побрз пристап до критичните точки.

ДПД Штип брои над 30 членови, а според Ташков, секој граѓанин кој сака да помогне во гаснење пожари и заштита на градот е добредојден да се приклучи.
Инаку, поголемиот дел од членовите на ДПД се и членови на оф-роуд друштво, кое низ годините помага при интервенции на пожарникарите во планински и непристапни предели.






