Покрај помошта во отстранувањето на снимките, на жртвите ќе им се обезбеди психолошка поддршка поради траумата. Исто така, ќе им се даде можност да прочитаат изјава на суд за влијанието на злоставувањето врз нивните животи, како и можноста да бараат кривична или граѓанска отштета од сторителите.
Проектот се потпира на полициските сили низ целата земја за идентификување и упатување на жртвите во програмата Ехо. За пронаоѓање на контроверзниот материјал на интернет ќе се користи британската база на податоци на снимки од злоупотреба на деца, а Фондацијата Интернет воч ќе биде одговорна за негово отстранување. Проектот не користи вештачка интелигенција.
Откако снимките од базата на податоци ќе бидат пронајдени на интернет, жртвите ќе бидат идентификувани со споредување на единствениот референтен број од нивниот оригинален полициски извештај. Сајмон Бејли, поранешен национален раководител за заштита на децата и еден од учесниците во проектот Ехо, истакнува дека досега децата честопати биле оставани сами на себе по завршувањето на истрагата.
„Ги спасувавме децата, но штом ќе заврши првичната истрага за нивната сексуална злоупотреба, тие стануваат само уште една жртва во низата“, рече Бејли, изразувајќи надеж дека програмата, доколку биде успешна, би можела да се прошири глобално.
Проектот официјално е лансиран денес на годишната конференција на Меѓународниот институт за истражување на полицијата и јавната заштита (ИПППРИ). Финансиран е од добротворните организации за безбедност на интернет и борба против злоупотреба на деца „Сејф онлајн“ и Фондацијата Греам Дакре.
Една од жртвите што го поддржуваат проектот е Ријанон-Феј Мекдоналд. Во 2003 година, кога имала 13 години, била злоставувана од маж во средината на педесеттите години, кој се претставил како тинејџерка на Интернет. Прво ѝ барал да му испрати „безопасни фотографии“, а потоа ја „присилил и манипулирал“ да испрати фотографија во топлес, која ја искористил за понатамошна уцена.
„Бев преплашена. Ми се закани дека сите ќе ја видат фотографијата што веќе ја споделив, дека ќе им ја испрати на моите пријатели и ќе ја залепи низ училиштето. Чувствував дека немам друг избор освен да испратам уште“, рече таа.
После тоа, ја уценувал да му ја открие нејзината адреса. „Следното утро дојде во мојата куќа и сексуално ме нападна во мојата спална соба“, рече таа. Тој направи фотографии од нападот и повторно се закани дека ќе ги сподели.
Кога Мекдоналд имала 14 години, полицијата ја контактираше. „Дури и не сакав да ја повикам полицијата затоа што, иако знаев дека она што го направи е погрешно, мислев дека ќе биде моја вина“, рече таа. Повеќе од 20 години подоцна, Мекдоналд е директорка на службата во Фондацијата Мари Колинс.
„Кога се случи моето злоставување, сè се случи на десктоп компјутер во мојата соба преку МСН или АОЛ месинџер. Денес, децата имаат паметни телефони во џебовите кои се помоќни од кој било компјутер што го имавме тогаш. Сторителите имаат повеќе можности да ги пронајдат, контактираат, злоставуваат и експлоатираат“, предупредува таа.
Мекдоналд истакнува дека проектот ќе им „врати дел од контролата“ на жртвите. „Се обидувам да не живеам во страв од тие слики, но навистина е тешко да не се плашиме бидејќи не знаеме дали и кога ќе се вратат. Не знаеме дали луѓето нè препознаваат од нив. Тоа ни е секогаш во главата. Тоа е ужасен начин на живот, па секоја помош за враќање на контролата е неверојатна“, рече таа.
Таа ја нагласи важноста на надежта за жртвите и преживеаните „бидејќи навистина се чини дека е крајот“. „Навистина е важно да знаете дека не е ваша вина. Срамот не им припаѓа на жртвите, туку на сторителот. Има многу луѓе кои ви веруваат, ве поддржуваат, не судат и сакаат да помогнат. Иако може да изгледа дека ова ќе ве дефинира до крајот на животот, нема“, рече таа.
Лансирањето на проектот доаѓа во време кога британскиот премиер Кир Стармер им даде рок на технолошките компании, вклучувајќи ги Епл и Гугл, до септември да инсталираат софтвер што блокира експлицитни слики на мобилните телефони на децата.
Во спротивно, тие ќе се соочат со законски мерки што ќе им ја наметнат оваа обврска. Премиерот рече дека ова ќе ја направи Велика Британија првата земја во светот што ќе им оневозможи на децата да снимаат, споделуваат или гледаат голи слики.






