Во синоќешната објава на Трамп се вели:
„Откако ја запознав и целосно ја разбрав воената и економската ситуација на Украина и Русија и кога ги видов економските проблеми кои се создаваат за Русија, мислам дека Украина, со поддршка на Европската Унија, е во позиција да се бори и да ја ВРАТИ цела Украина во нејзината оригинална форма. Со време, трпение и финансиска поддршка од Европа, а особено од НАТО, оригиналните граници од каде што започна оваа војна се многу добра опција. Зошто да не? Русија води бесмислена војна веќе три и пол години за која на вистинска воена сила би ѝ требало помалку од една недела да ја добие. Тоа не е комплимент за Русија. Всушност, ги прави да изгледаат како „тигар од хартија“.
Кога луѓето во Москва и сите големи градови, места и области низ цела Русија ќе дознаат што навистина се случува во оваа војна – фактот дека е речиси невозможно да се дојде до бензин поради долгите редици и сите други работи што се случуваат во нивната воена економија, каде што повеќето пари се трошат на војната против Украина, која има одличен дух и станува сè подобра – Украина ќе може да ја врати својата земја во оригиналната форма и, којзнае, можеби и повеќе! Путин и Русија се во ГОЛЕМИ економски проблеми и сега е моментот Украина да дејствува. Како и да е, им посакувам најдобро на двете земји. Ќе продолжиме да го снабдуваме НАТО со оружје за да може НАТО да прави што сака со тоа оружје. Среќно на сите!
Доналд Џ. Трамп, претседател на Соединетите Американски Држави“.
Руското одолговлекување на мировниот процес во Украина го принуди Трамп да го промени својот став кон Москва, објасни во вторникот американскиот државен секретар Марко Рубио.
Трамп покажа „извонредно трпение“ со надеж дека ќе се постигне дипломатски напредок, рече Рубио. Тоа не само што резултираше со стагнација, туку „влеговме во период на она што изгледа како ескалација“, рече Рубио, бидејќи Русија во последните недели изврши некои од најинтензивните напади врз Украина од почетокот на војната.
„Сега уште следиме и упади на беспилотни летала и авиони во соседниот воздушен простор“, додаде Рубио.
Рубио ја предупреди Москва за можни економски санкции и нагласи дека Вашингтон би можел да продолжи да го снабдува Киев со оружје. „Претседателот е многу трпелив човек. Тој е многу посветен на мирот, но неговото трпение не е бесконечно“, рече американскиот државен секретар.






