Со повеќе од 100.000 нови инфекции, САД имаат најголем број случаи дневно во последните шест месеци, покажуваат податоците на Ројтерс, додека делта варијантата хара во области каде што луѓето не се вакцинирани. Во наредните недели, бројот на заразени во САД може да се удвои до 200.000 дневно поради високо заразната делта варијанта, рече водечкиот американски експерт за заразни болести Ентони Фаучи.
Белата куќа сака да ги рестартира патувањата, што би ја поттикнало авиокомпанијата и туристичката индустрија, но не е подготвена веднаш да ги укине ограничувањата поради сè повеќе случаи на коронавирус и позаразната делта варијанта, рече официјален претставник. Администрацијата на Бајден има меѓусекторски работни групи кои работат на новиот систем што ќе биде подготвен да ги рестартира патувањата, додаде тој.
Ова вклучува воведување пристап во фази, кој со текот на времето, со одредени исклучоци, ќе значи дека странските патници кои доаѓаат во САД од сите земји треба да бидат целосно вакцинирани. Извонредните американски ограничувања за патувања за првпат и се воведени на Кина во јануари 2020 година како одговор на ширењето на коронавирусот, но подоцна се проширени на голем број земји, вклучувајќи ја и Индија во мај.
Официјалните коментари се најсилниот сигнал досега дека Белата куќа гледа начин како да ги укине тие ограничувања. Некои земји, вклучително и Канада и Велика Британија, ги олеснуваат или укинуваат ограничувањата за патување за вакцинираните Американци.
САД во моментов забрануваат влез на странски патници кои до 14 дена претходно престојувале во Велика Британија, 26 земји од Шенген зоната, Ирска, Кина, Индија, Јужна Африка и Бразил. Единствените странски патници на кои им е дозволено да влезат во САД од Мексико и Канада преку копнен премин се неопходните работници, како возачи на камиони и медицински сестри.






