четврток, 23 април 2026

Божиновска на Делфи форумот ја позиционира Македонија како регионален енергетски јазол

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, учествуваше на панелот „Градење инфраструктура за енергетска безбедност“, (Engineering the Infrastructure of Energy Security) во рамки на Делфи економскиот форум, каде заедно со високи владини претставници и лидери од енергетскиот сектор се дискутираше за иднината на енергетската безбедност во регионот.

Објавено на

часот

Сподели

Во своето обраќање, министерката Божиновска нагласи дека земјата влегува во нова фаза на енергетско позиционирање

„Денес, ние свесно се позиционираме како регионален енергетски јазол што ги поврзува пазарите, изворите и партнерите“, потенцираше Божиновска.

Таа ја претстави стратегијата базирана на три клучни столба.

„Интерконекторот со Грција, како директен пристап до алтернативни извори на гас и ЛНГ-терминали; соработката со Србија, која отвора северен коридор и овозможува двонасочен проток; партнерството со САД преку ЛНГ- иницијативата, со што се зајакнува енергетската независност. Енергетската политика без инфраструктура останува само декларација. Со изградбата на овие коридори ја намалуваме ранливоста, создаваме поконкурентни цени и се позиционираме како транзитна земја што додава вредност“, истакна македонската министерка на форумот.

Министерката потенцираше дека новата улога на земјата не е само транзитна, туку стабилизирачка за поширокиот регион.

„Не сакаме да бидеме периферен пазар – туку сигурен партнер во европската енергетска мрежа“, нагласи Божиновска

Во однос на енергетската транзиција, Божиновска истакна дека пристапот на државата е прагматичен и насочен кон сигурност.

„Нема енергетска транзиција без сигурност – и нема сигурност без диверзификација. Географијата сама по себе не е предност ако не се претвори во политика. Нашата цел е да станеме фактор на стабилност на регионалниот пазар на електрична енергија. Со зајакнувањето на јужните и северните енергетски коридори, Македонија се позиционира како активен учесник во стабилизирањето на енергетските текови во регионот“, порача министерката Божиновска

Клучната порака која Сања Божиновска ја испрати од Делфи е јасна: Градиме енергетски систем кој е диверзифициран, поврзан и стратешки релевантен – со улога што ќе го дефинира нашето место во Европа во децениите што следат.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ